Посети го музејот

Куќата на Калеш Анѓа е сместена во селото Старавина, од кое потекнува македонската хероина Калеш Анѓа. Куќата сѐ уште гордо стои на оригиналните темели во Старавина. Сместена е на маркантно место сретсело, веднаш до селската црква „Свети Никола“, а сега е обновена и претворена во етномузеј.
Реконструкцијата и реставрацијата се реализирани со финансиска поддршка од ИПА-програмата на ЕУ. Санирани се покривната конструкција, меѓукатниот простор и ѕидовите. Куќата е пример за градителство од камен карактеристично за регионот Мариово.
Калеш Анѓа потекнувала од родот Сирмевци, кои живееле во маалото во кое денес се наоѓа куќата, па, така, кај месното население куќата станала позната како Куќата на Калеш Анѓа. Куќата претставува традиционален тип на градба, со правоаголен облик, ѕидана од дрво, камен и кал, со функционална и симболичка поделба на горен и долен дел. Горниот дел служел за домаќинството, а долниот за чување на стоката. Особено впечатлив дел од куќата е отворениот чардак.
Преданието за Калеш Анѓа е овековечено во истоимениот роман на Стале Попов. Според преданието, убавата девојка Анѓа, одбивајќи да се потурчи, насила била грабната и однесена кај бегот во Прилеп. Тогаш, разгневените жители на мариовските села се обединиле и отишле во Прилеп за да ја вратат Анѓа дома. Понатаму, тие се засолниле во тврдината Пешта, каде што живееле под опсада десет години, сè додека една баба не ги предала. Преданието вели дека потоа Анѓа завршила во Истанбул, каде што го сретнала својот брат близнак Анѓеле, кого го препознала по белегот на ногата, а тој ја вратил назад во селото.