Концерт на биг-бендот ЗЏМ

Здружението на џез-музичари и слободни уметници од Скопје (ЗЏМ), пред себе постави нов предизвик, да ѝ презентира на македонската публика уште еден несекојдневен настан. Овој пат, ЗЏМ ја одбра музиката на уште еден великан, според критиката, веројатно најголемиот инструменталист во историјата на рок-музиката. Станува збор за американски гитарист, пејач и текстописец, поточно еден од највлијателните гитаристи во историјата на популарната музика и еден од најпознатите музичари на 20 век, Џими Хендрикс.
Биг-бендот ЗЏМ ќе изведе дел од музиката на оваа музичка легенда со биг-бенд аранжмани, при што специјален гостин на концертот ќе биде италијанскиот саксофонист Франческо Беарцати, а со биг-бендот ќе диригира Џијан Емин. Концертот ќе се одржи на 6 август, со почеток од 22 часот, на летната сцена Долни Сарај во Охрид.