Никола Ангелкоски работеше на серија на „Нетфликс“

Никола Ангелкоски работеше на серијата на „Нетфликс“, „Вичер“ или „Вештерката“. По една година работење од дома, перманентна комуникација со продукциската куќа, ни ги сподели деталите и импресиите од својот ангажман.
Синопсисот на серијата вели дека станува збор за Гералт од Ривија, осамен ловец на чудовишта, кој се бори да го најде своето место во свет каде што луѓето често се покажуваат позлобни од ѕверовите. Научнофантастичната драма е создадена од Лорен Шмит за „Нетфликс“. Се заснова на истоимената серија книги на полскиот писател Анджеј Шапковски.
Никола е аниматор, режисер, креатор на „Конструкт 42“, првиот краток анимиран научнофантастичен филм. Исто така го иницираше „Скопје фрејмс“, меѓународен фестивал на краток филм.
Како дојде до соработката со „Нетфликс“?
„Платиџ имиџ“ (Platige Image) е фирмата што соработуваше со „Нетфликс“ уште од првата сезона на серијата „Вичер“. Драго ми беше што добив покана за интервју од нив пред една година. Иако на почетоците работев на трејлери за „Кол од дјути: Блек опс енд кол вор: Ворзон“, бев изненадно префрлен на овој фантастичен проект!
Какви услови за работа нуди продукцијата…? Беше ли лесно да се одговори на предизвикот?
Филмската и ТВ-продукцијата бараат многу кога станува збор за одржување на квалитетот на еден проект како што е „Вичер“. Секој кадар си има своја тежина и бара уникатен пристап за да го решите артистичкиот проблем. Постојано мора да го покажувате вашиот целосен потенцијал, дека можете да го достигнете барањето на вашиот супервизор или уметнички директор, сепак, тие се нашите лидери што ги разбираат мисијата и целта на финалниот продукт.
Некои кадри беа лесни да се совладаат, некои, пак, бараа повеќе итерации за да го достигнат нивото што се бара за ваков тип проект. Сепак не е целта вие да го завршите само вашиот дел, туку тој и мора да биде подеднаков во однос на целата секвенца од зададената епизода.

Описот на вашиот ангажман е „мат пејнтинг артистс“ (matte painting artists)… Што точно беше вашата задача?
„Мат пејнтер“ е дигитален 2Д/3Д-артист што има задача да креира пејзажи,заднини, екстензии на сетови, со цел да се креира илузијата на простор што не постои во текот на снимањето на филмот.
Иако оваа професија потекнала од фотографската техника „мат пејнтинг“ (matte painting), тоа е професија што постои во филмската индустрија уште од 19 век. Некои од попознатите филмови што ја користеле оваа професија во своите филмови се: „Војна на ѕвездите“, „Титаник“, „Волшебникот од Оз“, „Индијана Џонс“ итн. Во денешно време оваа техника со текот на развивањето на технологијата прерасна во дигитална композиција во мешавина помеѓу 2Д и 3Д, со цел да се добие еден реалистичен пејзаж или заднина што се чувствува како да е дел од самата сцена.
Да стои вашето име во одјавната шпица на серијата „Вичер“ е вистински успех…
Да, моето име стои во четири епизоди во одјавната шпица на „Вичер“. Искрено, не можам да ви го доловам чувството, бидејќи го напуштив факултетот за да работам во оваа индустрија. Тука го гледам мојот сон како полека е остварен и по седум години да си го видите вашето име во одјавната шпица е неверојатно искуство! За мене ова преставува еден голем успех од мојот поголем пат на кој се движам. Се надевам дека во наредните години ќе продолжам со истото темпо со кое се движам за да достигнам повеќе успеси и голови во оваа индустрија.
Комуникацијата одеше онлајн и работевте од домот во Скопје…
На втората сезона од „Вичер“ работев од својот дом во Скопје, Македонија. Целата наша комуникација се одвиваше онлајн. На почетокот беше чудно искрено да се работи на ваков голем проект од комфорот на вашиот дом. Сите сме навикнати на координатори над глава и постојаната бучава низ канцелариите, но искрено, според мене, ова беше премногу позитивно искуство.

Работните часови ни беа регулирани, исто како да сте од девет до пет, имавме секој ден дневни состаноци за да ги информираме нашите претпоставени до каде сме со нашите зададени кадри, дали имаме корекции и слично. Нормално е да имате проблеми со поврзувањето на серверот или вашиот римоут-компјутер, но сепак тоа се минимални проблеми што се решаваат пребрзо.
Иако студиото е полско, нашата комуникација беше целосно на англиски јазик. Во ниеден момент не се почувствува пречка ниту, пак, се појави некаков посериозен проблем.
Дали Никола е обожавател на „Вичер“?
Искрено ги немав прочитано книгите (дури сега почнувам со првата), но бев огромен обожавател на серијалот од игрите „Вичер“. Моментот кога ја најавија серијата бев премногу возбуден и нестрпливо ја очекував да излезе. Некој да ми речеше таа година дека јас ќе бидам дел од тимот од втората сезона, ќе му се изнасмеев искрено.
Сега откако серијата е завршена, како гледате на својот труд… Со какви емоции и жар чекате да ги изгледате епизодите на „Нетфликс“?
Моментот кога ги завршивме епизодите некако се почувствував како да ми заврши најомилениот дел од работата. Имате некој период каде што само седите и чекате да го видите она што сте го граделе во текот на таа година.
Пресреќен сум! Не само за себе туку и за сите мои колеги од „Платиџ имиџ“. Сето ова беше како една огромна приказна, секој од нас вложи посебен труд и артистички елемент, како да дадовме сите дел од нас во неа.
Пробувам да останам стабилизиран дури ги гледам епизодите на кои работев, иако тешко е да не сте насмеани како мало дете со реакцијата – „леле, човек, јас го правев она!“