Светската премиера на долгометражниот игран филм „Барајќи ја Венера“ во режија на Норика Сефа, кој е косовско-македонска копродукција, ќе се одржи на Меѓународниот филмски фестивал во Ротердам.

„Барајќи ја Венера“ е селектиран во програмата Tiger Competition на претстојното издание на престижниот фестивал во Ротердам, во февруари идната година.

Филмот кој е дебитанско остварување на режисерката Норика Сефа беше препознаен од македонските продуценти и Агенцијата за филм на РСМ која го поддржа овој проект.

Тонската постпродукција и звучниот дизајн на овој дебитантски филм на режисерката Сефа, беше сработен во продуцентската куќа „Аудиохаус“ од Скопје. Македонски продуценти на проектот се Дејан Крајчевски и Игор Поповски.

– Станува збор за исклучително сензибилен филм во кој македонската поддршка во тонскиот дизајн и конечната реализација беше клучна да се реализира вакво несекојдневно остварување кое стана дел од трката за награда во еден од најзначајните европски филмски фестивали. Се радуваме на успехот и се надеваме дека регионалните копродукции се еден од начините да станеме дел од европската карта на филмските фестивали – велат продуцентите.

Филмот раскажува приказна за скромната тинејџерка Венера која живее во мало село на Косово. Во нејзиниот дом живеат три генерации, така што таа нема многу приватност. Надвор, на улиците и во кафулето, не е многу подобро: селото е мало и секогаш има брат, внук или сосед, кој внимава на неа. Од една девојка се очекува пред сè да ја заштити својата добра репутација – и таа на нејзиното семејство…

Од косовска страана продуцент е Бесник Крапи, сценариото е на Сефа, а кинематографер е Луис Армандо Артеага.