Kонцертен рецитал на пијанистот Кристијан Каровски ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во салата на Филхармонијата. Концертот е насловен „Магијата на Шопен“ и ќе бидат изведени дела од еден голем романтичар и пијанист – Фредерик Шопен.
Кристијан Каровски е роден во Скопје, во семејство на музичари пијанисти. Како особено талентирано дете, своето музичко образование го започнува во класата на проф. Људмила Романова, а го заокружува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Борис Романов. Неговата концертна дејност започнува на деветгодишна возраст, со изведба на сериозни дела од литературата за пијано. Добитник е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари. Каровски израснува во пијанист со врвни професионални перформанси и изразита индивидуалност. Покрај многубројните солистички концерти настапува и со симфониски оркестри со концерти од железниот пијанистички репертоар (Моцарт, Чајковски, Григ, Сен Санс, Рахманинов, Прокофјев, Гершвин…). Сите негови концертни настапи се одликуваат со зрелост и оригиналност во музичкиот израз. Во повеќегодишната педагошка дејност, Каровски се афирмира како истакнат пијано-педагог. Неговите студенти покажуваат извонредни резултати на државни и на меѓународни натпревари и на претставувања на солистички концерти и настапи со Македонската филхармонија. Паралелно со педагошката дејност, Каровски одржува солистички концерти за кои е карактеристично што секој од нив има нова програма. Во моментов е вонреден професор на Катедрата по пијано на Факултетот за музичка уметност.