Лидија Димковска за порталот „Номад“

Македонската писателка Лидија Димковска, која живее и твори во Словенија, за порталот „Номад“, во десет точки зборува за нејзиното југословенско искуство, како што се детството поминато во поранешната држава, екскурзиите, војната, југословенската и постјугословенската литература и слични теми. За своето југословенско детство, таа пишува дека го поминува во малото село во Македонија, Шлегово, кај баба си и дедо си, каде што родителите ја посетувале за секој национален празник.
– Затоа ги сакав југословенските празници – Денот на Армијата, Денот на Републиката и Први мај, бидејќи сите овие празници ги носеа моите родители дома. Подоцна тие празници ме носеа кај баба ми и дедо ми, прости, вредни селани, неписмени но мудри, со отворено срце и ум. Баба ми ја сакаше, но во истовремено се плашеше од Милка Планинц, претседателката на Сојузниот извршен совет во 1980-тите, првата и единствена жена на таква позиција. Често беше на вести и на радио. Нејзиниот глас беше длабок и продорен, па баба ми секогаш го намалуваше гласот кога Милка Планинц зборуваше за просперитетот и единството на Југославија – раскажува Димковска.
Таа посебно се осврнува на екскурзиите низ Југославија, кои беа организирани речиси во секое училиште, под мотото „Запознај ја својата земја за да ја сакаш повеќе.“
– Кога имав 13 години, ги посетив прекрасниот Дубровник на екскурзија, каде што си го купив првиот кармин во мојот живот, прекрасните Плитвички Езера, куќата во која е роден Тито, во Кумровец, поранешниот концентрационен логор од Втората светска војна во Јасеновац, споменикот на загинатите ученици во Крагуевац, кој Десанка Максимовиќ го направи бесмртен во поемата „Крвава бајка“, која сите ја учевме напамет. Потоа магичниот Белград со долги булевари, кафулиња полни со живот во Сараево, но не ги посетивме знаменитости во Словенија. Немаше доволно време да се види Постојна пештера, а не го видовме ниту врвот Триглав. Фрустрацијата поради тоа што не ја посетивме шестата југословенска република несвесно ме наведе да се преселам во Словенија години подоцна и да станам нејзин вечен посетител – пишува македонската писателка.

Се чувствувавме виновно за војната што не ја сакавме

Раскажува и за војната, кога по нејзиното завршување мајка ѝ ја испраќа со автобус во Црна Гора да им однесе на роднините брашно, масло, шеќер, во случај да се повтори војната во поранешната заедничка држава.
– Тоа беше првпат кога ја преминав македонската, а не југословенската граница. Во автобусот не влегоа обични цариници, туку војници со автоматски пушки. Вујко ми ме чекаше на автобуската станица. Силно ракувајќи се со мене, на српски ми рече „Значи, Македонија се одвои? Не сакавте да бидете со Србите, со нас? Сакавте да бидете како Словенците и Хрватите? Ако е така, Македонија еден ден ќе се распадне, целосно ќе се распадне!“… Не можев да издржам повеќе и почнав да плачам: „Сакам да одам дома, сакам да одам дома!“ На крајот ме пуштија надвор, ме ставија во автомобилот и ме однесоа до нивната куќа. Следниот ден го фатив првиот автобус за Скопје, набрзина му мавнав на вујко ми на станицата и никогаш повеќе не ги видов – раскажува Димковска.
Во Стразбур, во 1995 година, некаде за време на геноцидот во Сребреница, се случил чуден собир на кој била поканета заедно со други млади Југословени, родени во 1970-тите.
– Бевме кревки и засрамени, се чувствувавме виновно за војната што не ја сакавме. Босанците беа толку лути и тажни што се чувствував виновно затоа што бев од Македонија, која тогаш беше таканаречена оаза на мирот… Се обидуваа да воспостават дијалог меѓу нас, за да можат и самите да разберат што точно се случило и зошто. Но ние не можевме да им помогнеме, сите бевме премногу вознемирени поради тоа што се случува во Југославија, а, на крајот на краиштата, ние самите не го разбиравме тоа. Да, сигурна сум дека се сакавме, но длабоко во себе не можев да ја потиснам вината за војната, иако ниту еден од нас не беше виновен за ништо – вели писателката.
Во делот за југословенските писатели и нивните односи, таа зборува и за најважниот поетски фестивал во Југославија, „Струшките вечери на поезијата“, основан во нејзината родна земја Македонија, за нејзиното учество на поетскиот фестивал во Кикинда, за постјугословенската литература, која беше под влијание на сѐ што се случуваше.
– Кога првпат го посетив Сараево по војната, ја купив најновата антологија на босански раскази и речиси секоја приказна во неа беше поврзана со војната. Постјугословенската литература е оптоварена со колективна меморија, но има и способност да се погледне во огледалото на историјата. Се разбира, не пишувавме сите директно за војната: делата на мојата генерација се различни. Некои зборуваат за историски настани, но многу од нив всушност зборуваат за искуствата од преселбите или се посветени на проучување на прашањата за нацијата, национализмот, слободата, идентитетот. Сепак, некои посегнаа по универзалните политички прашања или нѐ потпишуваа сите нас како жртви на системот. Многумина од нас го користеа хуморот за да се справат со овие трауматични настани. Многу писатели се иселија од поранешна Југославија – пишува Димковска и додава дека денес постјугословенските писатели соработуваат на повеќе нивоа, си преведуваат книги, учествуваат на фестивали, се читаат.

„Резервен живот“ како метафора за одвојувањето на југословенските републики

Понатаму зборува за напуштањето на Македонија во 1994 година, додека војната во Југославија сè уште траеше. Оди во Букурешт, Романија, каде што докторира романска литература и предава македонски јазик и литература на Универзитетот во Букурешт, каде што го запозна сопругот, кој е од Словенија.
– На почетокот зборувавме српско-хрватски, но набрзо почувствувавме дека ни треба трет јазик, неутрален. Сребреница се случи во првото лето од нашата врска, па со помош на романскиот како заеднички јазик, сакавме да побегнеме од Југославија, од земјата што толку многу ја сакавме и која многу нѐ повреди со сѐ што се случи. Седум години зборувавме романски, но кога се преселивме во Словенија, почнавме да зборуваме словенечки. Југославија веќе беше минато, но последиците од нејзиниот распад се толку големи што на овој или оној начин сè уште ги чувствуваме во сегашноста – вели Димковска.
Во 2013 година ја пишува книгата „Резервен живот“, која ја доби Европската награда за литература, како и наградата „Стале Попов“ во Македонија, приказна за сијамски близнаци што треба да се разделат, што било протолкувано како своевидна метафора за одвојувањето на југословенските републики преку раздвојувањето на близнаците со симболични македонски имиња: Сребра и Злата.
– На некој начин, како претставници на мојата генерација, тие се вистински сведоци на распадот на Југославија: наратор во романот е Злата, која зборува своите и за колегите на Сребра од универзитетот, како и за млади луѓе што дезертирале од југословенската армија „Еднаш еден од нив само рече: Еби му мајката, бев на погрешно место во погрешно време“, а тоа важеше за сите нив, изгубена генерација што се најде на погрешно место во погрешно време.
На книжевна турнеја низ Соединетите Американски Држави, откако мојата книга беше преведена на англиски, посетив десет града за две недели, патувајќи од Њујорк до Лос Анџелес. Се сретнав со читатели во независните книжарници и додека зборував за мојата литература и живот, одговарав и на многу прашања за Југославија. На еден од аеродромите, додека го чекав следниот лет, видов повик до патниците што патуваа за Дејтон. Бев изненадена од специфичноста на градот во кој заврши југословенската војна и започна иднината, неразделна од минатото – пишува нашата писателка во текстот во десет точки за порталот „Номад“.