Изложба „Стеги“ на Илија Струмениковски во Куманово

Изложбата „Стеги“ од авторот Илија Струмениковски ќе биде отворена денеска, со почеток во 19 часот, во центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Дел од изложбата се 20 слики работени во техниката акрил на хартија и претставуваат дел од најновата продукција на Струмениковски.
Илија Струмениковски е роден во 1940 година и зад себе има извонредна актерска кариера како театарски, филмски и телевизиски актер. Се пензионира во 2005 година, а за својата работа има добиено повеќе награди и признанија. Покрај актерството, тој педесетина години се занимава и со сликарство. Тој е верен на идејата дека уметноста може да го објасни светот, за што визуелно говори и во најновиот циклус „Стеги“.
– Тој ја развива претходно поставената ликовна лексика, со пречистен цртеж и сложена просторно-контекстуална композиција, составена од веќе познати архетипски елементи ставени во една симбиоза што извира од центарот на сликата. Струмениковски цврсто опстојува на изворно поставениот концепт: перманентната интеракција помеѓу животот и неговото опкружување, проследено со незапирлива трансформација и модификација, како циклично поставена енергетска трансмисија на форми и бои во целиот раскош на комплексноста на постоењето – вели Роберт Цветковски, историчар на уметноста.