Годинешното, осмо издание на филмскиот фестивал „Скопје синема сити“ ќе започне со изложба на фотографии од Ник Кејв од реномираниот српски фотограф Немања Ѓорѓевиќ. Изложбата „They Long for the Light of Your Touch“ ќе се отвори во на 29 јуни, во 19 часот, во Културно-информативниот центар (КИЦ).

Немања Ѓорѓевиќ е рок-фотограф, видеорежисер и уредник на порталот Балканрок, а зад себе има голем број самостојни изложби: „Расчекор“ (2012) како дел од турнејата на бендот „Блокаут“, „Сенките на звукот“ (2015), „Небесна тема“ (2016), посветена на Влада Дивљан, „Искреност“ (2017), „Beating Drum is a Heart“ (2020) и „Марк Ланеган: Ланегановиот пат кон утрешнината“ (2022).

Учествувал и на голем број групни изложби, меѓу кои се истакнуваат традиционалните „Рок-моменти.“
Оваа година Кејв е лауреат на фестивалот и, традиционално, ќе добие признание за животно дело.

Фестивалот е во организација на здружението „Номад-арт Скопје“. Изложбата ќе се отвори во 19 часот, додека проекциите во летното кино во Кинотеката ќе почнуваат во 20 часот. Програмата на фестивалот „Скопје синема сити“ е поддржана од Агенцијата за филм, Министерството за култура, Кинотеката на Северна Македонија, Културно-информативниот центар и здружението на Србите во Македонија „Спона.“