Ретроспективна изложба на Душко Јовановски ќе биде отворена на 8 март, во 11 часот, во просторите на Народниот музеј – Свети Николе.
Душко Јованoвски е роден во 1949 година, КМ ФСЈ, фотограф ентузијаст. Во светот на фотографијата влегува во 1967 година со фотографијата „Очекување“. Следната деценија, опојната магија на фотографијата за него ќе биде предизвик и инспирација, а уметничката фотографија творечко хоби. Во потрагата по визуелниот идентитет, а во духот на времето ќе сними голем број фотографии со визуелно-експресивна вредност и нагласена естетика, каде што мигот, емоцијата и симболиката се преточуваат во суптилна порака што буди интерес и внимание. Учествувал на голем број изложби каде што има постигнато видливи резултати. За постигнатото реноме и нивото на естетско изразување од областа на уметничката фотографија, во Загреб, во 1977 година е прогласен за кандидат-мајстор на југословенската фотографија.
Како селектор или член на жири-комисии се појавува на многу клупски, државни и меѓународни изложби на фотографија.
– При крајот на седумдесеттите престанува да изложува свои фотографии, но останува активен член во Фотосојузот на Македонија и отворен соговорник за помладите автори што се појавуваа во македонската фотографија. Последните години повторно ѝ се враќа на фотографијата, работи на дигитализација на своите фотографии, со цел да ги направи достапни за сите, а повремено изложува на изложби и манифестации организирани од фотоклуб „Куманово“. Живеел во Куманово и бил почесен член на фото-кино клубот „Козјак“ и фотоклубот „Куманово“. Почина во 2021 година – велат организаторите на изложбата.