Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска направи увид во најновите состојби со манастирската црква во Матејче, заедно со градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, директорот на УЗКН, Ариан Арсланај, и директорот на Националниот конзерваторски центар, Мемет Селмани.

– Изнаоѓаме соодветни решенија за црквата „Успение на Пресвета Богородица“ – манастир Матејче, активно да функционира и да се ревитализира целиот комплекс. Само во заедничка координација, преземените мерки и заштитни интервенции ќе имаат подолготраен ефект и ќе ја обезбедат потребната заштита – вели Костадиновска-Стојчевска, потсетувајќи дека во 2021 година со средства од Програмата за културно наследство во опасност на Министерството за култура, преку надлежната установа Конзерваторски центар – Скопје се реализира проект за непосредна заштита на архитектурата и изведбата на оловен покрив над објектот.
По последните вандалски оштетувања на покривот на црквата, надлежните констатираа дека се потребни итни превентивни интервенции усогласени со сите субјекти на централно и на локално ниво.

Mанастирскиот комплекс „Успение на Пресвета Богородица“, кој се наоѓа во атарот на селото Матејче, Кумановско, претставува културно наследство од највисока вредност, а црквата во овој комплекс од средината на 14 век го содржи најобемниот фрескоансамбл на наша територија.