ФИЛМ+: Пред 4 години со краткиот филм „Види ја ти неа“ за првпат ја однесовте Македонија на „Санденс“, каде што се претставивте одлично. Сега, повторно сте на „Санденс“ и повторно како прв автор со македонско потекло кој влегува во официјалната програма со долгометражен игран филм. За жал, иако станува збор за филм кој во многу е македонски, а во кој ја имате и глобалната ѕвезда Нооми Рапасе, сепак, се води како австралиски. Сега, пред фестивалот би ве прашала, какво е вашата стратегија за претставување на овој филм, кој во себе носи древна македонска приказна?

Горан Столевски: Филмот „Нема да си сама“ се води како австралиска продукција, бидејќи таму ја добивме првата и основна финансиска поддршка. Голем дел од буџетот, исто така, го стекнавме од компании во САД и во Велика Британија, а клучна беше и поддршката од Србија. Но, едно е продукција, а друго уметност – од тој аспект за мене државните граници немаат особено значење. „Нема да си сама“ е заедничко дело на повеќе творци, меѓу кои, покрај мене се и: Сара Климоска, Ирена Ристиќ, Никола Ристановски, Верица Недеска, Камка Тоциновски и Шенка Колозова како Македонци, а исто така имаме и уметници со потекло од: Србија, Косово, Шведска, Германија, Португалија, Франција, Романија, Нов Зеланд, Шри Ланка, Тајван и Австралија. Се разбира, тука е и Нооми која ја влечат амбициозни визии, а мене бестрашни актерки.
Што се однесува до приказната, таа се одвива во Македонија – главно на македонски јазик во едно поречко село, со кратки делови на влашки и на српски јазик. Но, целта ми беше да направам дело кое би се осврнало на начинот на живот што со векови постоел, не само во Македонија, туку и во поголем дел од Европа. Нешто што е автентично македонско, но со теми и значења кои сепак се универзални.

Целото интервју прочитајте го во Филм+, кој излегува во викенд-изданието на „Нова Македонија“.