Фото: Маја Јаневска-Илиева

Промовирана „За македонските работи“ на академикот Љупчо Коцарев

„За македонските работи“ е новата книга на академикот и претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Љупчо Коцарев, која беше промовирана во Скопје. Книгата е збирка од неговите колумни напишани последниве две години и претставува критичка опсервација и анализа на македонските случувања.
Според академикот Витомир Митевски, еден голем дел од колумните на Љупчо Коцарев има намера да го соочи читателот со реалната состојба во која се наоѓа нашата држава.
– Пишувајќи за македонската општествена реалност, Коцарев аргументирано укажува на повеќедецениската деградација на елементите на државност на сите нивоа. Тој е процес, кој притаено се јави уште од времето на осамостојувањето, кога бевме полни со надеж дека сме на пат на изградба на прва независна и просперитетна македонска држава, трае во континуитет до денес, за жал, со забрзано темпо – рече академик Митевски.
Митевски посочи дека Коцарев со своите апели во книгата најмногу им се обраќа на оние што се избрани од македонскиот народ да ги застапуваат и бранат неговите интереси и да работат за доброто на земјата.

– Коцарев во својата книга не им се обраќа на оние што прикриено или јавно застапуваат туѓи интереси, бесмислено е да им се обраќаш на таквите. Коцарев им се обраќа на оние што треба и се должни да го слушнат, а не сакаат да го слушнат гласот на совеста, искажан од умни луѓе што искрено си ја сакаат својата земја. Тој им се обраќа и на оние што се избрани од македонскиот народ да ги застапуваат и бранат неговите интереси и да работат за доброто на земјата – рече академикот Митевски.
Исто така, како што дополни, им се обраќа и на македонските интелектуалци, за кои уште Мисирков пред 120 години говореше дека треба да бидат совест и носители на напредокот на македонскиот народ. Ним, како што подвлече, им се обраќа во прв ред, очекувајќи да се разбудат, да го кренат својот глас, да се охрабрат и да пројават отпор на она што се случува.
Академикот Катица Ќулавкова на промоцијата напомена дека оваа книга претставува една интелектуална историја на последната актуелна фаза од развојот на македонската држава и затоа, како што рече, е од голема важност и токму поради тоа граѓаните покажуваат интерес да ја читаат.

– Оваа книга, која е збирка на објавени колумни во последниве две години, иако покрива краток период, иако тоа го прави на колумнистички начин, може да се каже дека претставува една интелектуална историја на оваа последна актуелна фаза од развојот на македонската држава и затоа книгата има голема важност и не случајно граѓаните и луѓето го насетуваат тоа и покажуваат интерес за читање на оваа книга – рече Ќулавкова.
Академикот Љупчо Коцарев се заблагодари за организацијата за време на промоцијата и напомена дека основната цел и она што најмногу сака да го направи е да живееме во една достоинствена држава и, како што рече, ќе продолжи и понатаму да работи во таа насока.