Трае големиот бојкот на руската култура

Дури и во времето на најмрачните денови на Студената војна, во 20 век, руските оперски и балетски ѕвезди редовно настапувале на Запад, но овој пат работите се поинакви, периодов од почетокот на руската инвазија на Украина се воведува значително построг културен бојкот. За помалку од една недела некои од водечките светски балетани, оперски пејачи и диригенти остана без работа на Запад по руската инвазија на Украина. Нивните настапи се откажани, а кариерите им се загрозени.
– Дури и на врвот на Студената војна, културната размена помеѓу руските, американските и европските уметници продолжила. Се разбира, секогаш имало тензија, но било изводливо – изјави директорот на њујоршката оперска куќа „Метрополитен“, Петер Гелб, и додаде дека денешната ситуација ја надминува Студената војна и дека се работи за „вистинска војна“.

Гелб, кој неколку дена пред инвазијата беше во Москва заради договор за заедничка продукција со театарот „Бољшој“, како агент на млади таленти, го претставувал легендарниот руско-американски пијанист Владимир Хоровиц и организирал негово враќање во Советска Русија кога земјата се отворала во 1980-тите години. Гелб исто така го снимил концертот на рускиот челист Мстислав Ростропович за време на неговото враќање во истиот период.

Балетот отсекогаш бил извор на мека моќ за Советскиот Сојуз, а турнеите на Запад започнале во 1950-тите, но секогаш биле под строг надзор на домаќините и безбедносните служби на КГБ. Некои од овие гостувања испишаа историја: како што е посетата на театарот „Бољшој“ во Лондон во 1956 година или театарот „Киров“ (подоцна наречен театар „Марински“) во Париз во 1961 година, при што легендарниот танчар Рудолф Нуреев побегна на Запад. Во исто време, американскиот балетски театар првпат настапи во Москва во 1960 година, а две години подоцна, среде кубанската ракетна криза, таму настапуваше и Њујоршкиот балет. По распадот на СССР, бројот на размени се зголемил и познати руски танчари биле канети насекаде. Тие дури станале водечки членови на уметнички групи на Запад, како што е Светлана Захарова, „кралицата“ на балетот, која имала водечки улоги и во „Бољшој“ и во театарот „Ла скала“ во Милано. Американецот Дејвид Халберг станал главен танчар на театарот „Бољшој“ во 2011 година, што било незамисливо во минатото, за разлика од денешните околности.

– Во сегашниот контекст на бруталност кон невините граѓани, не постои можност за размена како онаа за време на Студената војна – вели Гелб.
„Метрополитен“ ја прекина соработката со „Бољшој“ и ќе ги бојкотира сите уметници блиски до Путин, а истата одлука ја донесоа и париската опера и многу други институции низ Европа. Откажано е гостувањето на „Бољшој“ во Лондон, кое беше закажано за ова лето. Рускиот кореограф Алексеј Ратмански, поранешен директор на „Бољшој“, кој пораснал во Киев, се откажа од новата балетска претстава што ја подготвуваше во Москва и се врати дома во Њујорк. Диригентот Валериј Гергијев е сменет од местото раководител на Минхенската филхармонија и многу театри го прогласија за персона нон грата. И сопранистката Ана Нетребко ги откажува своите настапи во „Метрополитен“.

И кај нас имаше сличен обид, кога Министерството за култура ја откажа изведбата на руските романси во фоајето на НОБ, иако под поинаков изговор, дека не е време за оваа музика. „Убавите романси нека останат за подобри времиња, времиња во кои повторно ќе владее мирот, нема да има жртви и никој нема да се чувствува загрозено или под закана“, стоеше во објавата.

Македонската култура јавност остро реагираше на оваа одлука. Композиторката Дарија Андовска напиша: „Забранет Достоевски, забранет Чајковски… А замислете да бил забранет Гете? Хесе, Шилер, Томас Ман? Бетовен! Или Пучини, Верди?“ Режисерот Владимир Милчин исто така се огласи со остар коментар: „Од Достоевски до Булгаков и Солженицин, од Пастернак до Манделштам, Цветаева и Бродски, од Мејерхолд до Козинцев и Параџанов, од Чехов до Ердман… Долг е списокот на руските и советските писатели, композитори, режисери, сликари што не потклекнале пред самодршците. Без нивните дела ќе капитулираме пред безумието и варварството на 21 век!“