Беше поголем поттик да ги соединиме различните уметнички дисциплини во една целина, вели Владимир Илиевски, еден од учесниците на изложбата

Гоце Илиевски, Кристијан Новковски, Владимир Илиевски, Виктор Јаневски, Оливер Настески, Симеон Ацевски и С. Менче Трповска ќе ги изложат своите ликовни дела денеска, во 20 часот, во барот „Џези“, во скопски Капиштец.
На изложбата ќе бидат поставени дела на седумте автори што се занимаваат со различни ликовни дисциплини, како дигитална илустрација, графички дизајн, сликарство и фотографија.
– На оваа групна изложба нѐ иницираше токму предизвикот што го нуди мултидисциплинарноста, беше поголем поттик да ги соединиме различните уметнички дисциплини во една целина. Секако дека е поедноставно да се состават сличностите, но ако гледаме од одредена дистанца, секогаш лесно можеме да сфатиме дека разликите се, всушност, само делови од една поголема слика – изјави Владимир Илиевски, еден од учесниците на изложбата.

Освен дводимензионалноста, која ги поврзува фотографијата, дигиталната илустрација и сликарството, тука и не постои особена поврзаност во делата, мотивите и изразот на авторите, дополнува Илиевски.
– Заради тоа, како мал експеримент си го поставивме предизвикот да се обидеме да ги соединиме различностите постигнувајќи извесна динамика и игра на специфичните изрази. Некои од авторите досега веќе изложувале или соработувале заедно, така што овој спој настана природно – посочува Илиевски.
Како што споделува тој, некои од авторите се занимаваат со проблематиката на надреалната и апсурдна космичка игра, мешавина на мотиви, кои во природата каква што ја знаеме не се забележуваат.

– Понатаму, обработена е темата на магичното во природата, на симбиозата во елементите на природата. Исто така и рурални и урбани мотиви прикажани на некои од фотографиите. Делата иако во голем дел со секојдневни мотиви, во крајна линија, упатуваат на прашања од духовна природа, кои се суптилни, па потребно е внимателно набљудување за да се проникне што подлабоко. Но се разбира, комуникацијата на делото со публиката е заемна, односно зависи и од набљудувачот и неговата моментална состојба, неговите гледишта и ставови, оставајќи простор за сопствено толкување – вели Владимир Илиевски.

Тие избраа неконвенционално место за изложба.
– Го избравме самиот простор токму поради неконвенционалноста од аспект на место за изложување, нуди можност да се направи овој истовремено невообичаен спој на автори. Реализацијата на проекти од овој тип во места што не се стандардни изложбени простори, станува сѐ почеста пракса, кај нас и во светот. Наедно како дел од настанот, свој диџеј-сет ќе има и Кристијан Новковски, што беше уште една причина за да се избере ваков тип место за остварување на овој проект – дополнува Илиевски.