Посети го музејот

Локалната установа Градски музеј Крива Паланка е основана во 2006 година, како установа од областа на културата, значајна за одржување и зачувување на културно-историското наследство на градот и околината. Музејот е сместен во зградата на Домот на АРМ, во центарот на градот, и располага со постојана етнолошка поставка, библиотека, архива.
Градски музеј Крива Паланка е еден од двата локални музеи формирани со Законот за музеите што целосно се финансирани од нивните општини.
Во текот на една година се одржуваат по триесетина културни активности, од типот на изложби, промоции, концерти, работилници и презентации, а оваа институција е коорганизатор и на сите големи општински манифестации.
Оформени се три постојани поставки, етнолошка, историска и археолошка, а досега се собрани и обработени повеќе од 2.170 музејски предмети.
Музејот располага и со галериски простор за тековни изложби, депоа, работилница за конзервација, продавница за сувенири. Градскиот музеј континуирано, одговорно и посветено работи на развој на музејот, преку збогатување на музејските предмети важни за историјата и традициите во градот и околните села, збогатување на музејската библиотека со книги и публикации, подобрување на условите за депонирање и безбедност на музејските збирки и др.