Со објавувањето на главните награди на „Остен биеналето на цртеж“, гран при за животно остварување на Јозеф Кошут од САД и наградата за светско културно наследство на творештвото на Рембрант, во галеријата „Остен“ е претставен мултимедијалниот проект „Г-ѓа и г-ца Х“ на македонската уметница Марија Павловска. Кураторка на изложбата е Корнелија Конеска.
Проектот се состои од изложба на полиптих од 32 дигитални дела и видео како составен дел од изложбата. Изготвена е и графичка мапа од 12 избрани дела од проектот „Г-ѓа и г-ца Х“ во едиција од пет копии и со нивното потпишување уметницата Павловска стана дел од групата на интернационални уметници чии графички мапи ја сочинуваат единствената библиотека на графички мапи „Светско културно наследство“ во издание на „Остен“.
– Три елементи доминираат во оваа серија – жицата, кругот и ѕидот.
Жицата – како симбол на нескршливост, која добива форма на безброј кругови, правилни и неправилни (симбол на безброј одлуки во животот на жената), но секогаш совршени (како кругот), како и нивните рефлексии (сенки) врз белата површина од ѕидот – континуираните пречки и предизвици во животот на секоја жена. Видеото (кое е дел од изложбата) со звукот и подвижните слики – само визуелно го надополнува моментот на повеќедимензионалност и комплексност на жената и нејзината трансформација. Моментот на трансформација во овој проект има универзално значење зашто еднакво важи за трансформацијата на жената во текот на нејзиниот живот во оваа, земна димензија, како и за трансформацијата на жената во текот на целата историја на човештвото – објаснува кураторката Корнелија Конеска.