фотографии: Фросина Насковиќ/МИА

Фотоизложба на тема „Како е да се биде жена и новинар/медиумски работник во Северна Македонија?“ беше отворена вечерва во „Кантина“ во Дебар Маало.

Изложбата е резултат на пријавените дела на учесниците на повикот за изработка на фото-стории насловен „Сликни го твојот глас!“, чија цел е преку слика и порака да се прикаже како е да се биде жена и новинарка / медиумски работник во Македонија и проблемите поврзани со безбедноста и работничките права со кои се соочиле или сѐ уште се соочуваат новинарките, уредничките, жените главни уреднички и жените-сопственички на медиуми.
– Во последните неколку години, медиумските професионалци постојано се соочуваат со разни напади, закани, онлајн малтретирања, навреди, дискриминација. Оценките на релевантни фактори и организации како во земјава така и во странство се дека најголем дел од овие инциденти се насочени кон новинарките и жените медиумски работници и дека се повеќе зачестуваат. Извршувањето на секојдневните задачи и професионалното информирање на јавноста е далеку потешко кога се работи под таков вид на притисок. Оттука, од исклучителна важност е кревање на свеста за овие прашања особено за нападите, заканите, онлајн малтретирањето базирано на родова основа – велат организаторите.
Авторки на фотосториите се Фросина Насковиќ и Арбнора Мемети.

– За македонското новинарство се вели дека е женска професија. Соодносот меѓу новинарките и новинарите е приближно 60:40. Но, зад овие бројки се кријат други слоеви од вистината. Како што професијата стануваше повеќе женска, така се намалуваа примањата и се зголемуваше јазот во платите. Професијата е женска, но раководството е 80 проценти машко. Новинарките, иако сакаат да се зафатат со најжешките теми, како и нивните машки колеги, често се спречени со зборовите – таа работа не е за жена. Жените медиумски професионалци се соочуваат со уште поголем предизвик – односот на јавноста. Вознемирувањето на жените во оваа професија – навредите, сексизмот, заканите, се почести во споредба со мажите. Медиумите, државата, синдикалните организации, професионалните здруженија, новинарите – имаат уште многу работа за да постигнат вистинска родова еднаквост – рече на отварањето новинарот Огнен Јаневски.

Изложбата е во рамки на проектот „Безбедни медиумски работници за квалитетно новинарство во Северна Македонија“, финансиран од Балканскиот труст за демократија преку Програмата за слобода на медиуми.
Изложбата ќе биде отворена за посетители до 15 мај.