Со настап на фламенко-балетот „Луксуриа“, една од најспектакуларните фламенко-продукции во светот, се одбележува 62-от роденден на „Охридско лето“. Хаиме Транкосо од менаџментот на Фламенко-агенцијата им се заблагодари за организацијата на директорката Наташа Поповиќ и на Амбасадата на Кралството Шпанија.
Привилегија е да се настапува на 62-годишнината на фестивалот, а исто така за нас е важно што овој перформанс го подготвувавме уште пред пандемијата и дојде време да го прикажеме на сцена – рече Транкосо.
Главните танчари вечерва ќе бидат Давид Гутјерез и Паула Рејес.
Првите импресии се волшебни. Воодушевени сме од Охрид, но и од климата, бидејќи Шпанија во моментов се соочува со топлотен бран. Голема благодарност до организацијата на фестивалот и до Амбасадата на Кралството Шпанија за да се реализира проектот. Ги поканувам луѓето во Охрид да дојдат и да уживаат во вечерашната претстава, која меѓународно е многу добро прифатена. Она што ќе можат да го видат е изведба на класично фламенко со модерни примеси – вели Гутјерез.
Најавувајќи го роденденскиот настап на Античкиот театар на фламенко-балетот „Луксуриа“ од Шпанија, амбасадорот на Кралството Шпанија во земјава, Хозе Луис Лозано Гарсија, по повод роденденот на „Охридско лето“ потсети дека овој фестивал е најпрестижниот меѓународен фестивал во Република Северна Македонија, на кој откако е основан, во 1961 година, досега продефилираа реномирани уметници од целиот свет.
Амбасадата на Шпанија во Скопје со години соработува со фестивалот за да ги претстави шпанските музички уметници на овој престижен фестивал и во неспоредливиот амбиент на Охрид, средина класифицирана од УНЕСКО како заедничко наследство на човештвото. Чест е за Амбасадата на Шпанија да биде дел од овој меѓународен фестивал. Благодарност до организаторите и градот Охрид и државните субјекти што соработуваат, особено претседателот на Републиката и Министерството за култура. Се надеваме дека овој концерт на фламенко, предложен од самата министерка за култура, ќе ѝ се допадне на публиката на овој голем фестивал – изјави шпанскиот амбасадор Хозе Луис Лозано Гарсија.