Интернационалниот театарски фестивал – „Актер на Европа“, кој што беше основан во 2003 година, кога Европскиот парламент го прогласи Препанското Езеро за меѓуграничен европски парк, меѓу Македонија, Грција и Албанија, оваа година ќе го прослави својот дваесетгодишен јубилеј, утре пред „Сарајот“ во Ресен, со почеток во 21 часот. Фестивалот ќе започне со ретроспектива на легендарните имиња на европскиот театар, досегашни добитници на наградата за животно дело – Актер на Европа.

Светскиот театарски критичар Жорж Бани во списанието за театар на Сорбона, Париз напиша дека Актерот на Европа е еднствениот фестивал којшто ја третира индивидуалната театарска биографија како основа на Европската цивилизација. Прво легендарно име на европскиот театар кое ја понесе оваа награда е Љуба Тадиќ од Белград, а потоа се редеа Јон Карамиитру (Романија), Милена Зупанчич (Словенија), Ана Патресон (Шведска), Марсел Бозоне (Франција), Раде Шербеџија (Хрватска), Брус Мејерс (Велика Британија) итн.

Оваа година наградата за животно дело Актер на Европа ја понесе Младен Нелевиќ од Црна Гора, за кого ќе биде прикажан уметнички портрет со сите негови театарски и филмски креации. Посебен омаж на јубилејот ќе му биде оддаден на Питер Брук, чиишто актер Брус Мејерс пред неколку години ја понесе оваа награда за животно дело и при тоа ја изведе претставата „Големиот инквизитор“, според романот на Достоевски. Истата вечер, во чест на јубилејот, на Собранискиот канал на МТВ ќе биде прикажан „Портретот на Брук“, што го реализираше Јордан Плевнеш со екипа на МТВ.

Младен Нелевиќ

На свеченото отворање ќе се обратат Градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, претседателот на жирито Мето Јовановски, а беседата за лауреатот ќе ја произнесе претседателот на фестивалот, Јордан Плевнеш. На истата церемионија, признанијата Клучевите на Преспа ќе ги добијат Методија Јоновски и Гоце Ристовски, познати автори и публицисти од Македонија, кои објавиле и посветиле посебни истражувања за Преспа. Традиционалната Голема повелба „Балканот – Срцето на Европа“ оваа година е доделена на грчкиот новинар Христос Матис, и на косовскиот драмски автор Хаќиф Мулиќи. По церемонијата на отворањето ќе настапи Васили Лаерти, актер на Народните театри од Атина и Тирана со Агамемнон од Есхил.

Во официјалната конкуренција на фестивалот оваа година се селектирани: „Поетската вечност на Иго и Бодлер од Франција, „Четири еполети“ од Хаќиф Мулиќи, од Косово, „Синиот портокал“ од Џо Пенхол од Велика Британија, во изведба на Н.И. Центар за култура „Јордан Х.К-Џинот“, Велес, Пеликанот од Аугуст Стриндберг (Шведска), во режија на Теодора Силјаноска, и „Кармен“ од Мигел Делибес, по мотив од романот „Пет часа со Марио“ во изведба Драмски Театар Скопје, во режија на Дејан Пројковски.

Претставите ќе ги оценува жирито во состав: Мето Јовановски, претседател, Елена Трајковска и Владимир Стојчевски.

Свеченото затворање на фестивалот и доделувањето на наградите е предвидено на 11 јули, во 21 часот во Ресен.