Македонскиот центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА центар објави две нови електронски изданија со драмите на харизматичните, современи автори со извонреден талент за драма и дух за перцепција и хумор, „Биолошки часовник“ на Ева Камчевска и „Рокеришта“ на Сашо Блажески.
Ева Камчевска е сценаристка, драмска авторка и драматург. Дипломирала на ФДУ-Скопје на Одделот за драматургија и сценарио и на Филмската школа во Ванкувер, Канада. Зад себе има повеќе проекти во доменот на филмот, театарот и драмата како книжевно дело. Досега учествувала во неколку релевантни меѓународни програми за развој на филмски сценарија во Торино, Берлин… Во 2021 г. нејзината драма „Свадба за памтење“ беше селектирана во главната програма на меѓународниот театарски фестивал „Аналогио“ во Атина.
– Таа креира апсурдни и надреални драмски пресврти, на сметка на биолошкиот часовник во жената и притисокот под кој таа се наоѓа, секогаш кога одложува да стане мајка. Ева умее да нѐ насмее и релаксира без претенциозност и субверзии, без попување, креирајќи непредвидливи драмски пресврти и јасно дизајнирани драмски ликови. Станува збор за редок и зрел драмски талент во современата македонска драматика – велат од центарот.
Сашо Блажески е роден во Прилеп, 1980 година. Живее во Прилеп. Ова е негова прва драма.
– Драмата „Рокеришта“ зборува за турбо реалноста во релациите и илузиите кај луѓето што живеат во главниот град и менталитетот на луѓето од провинцијата. Луцидно, перцептивно, вистинито. Маратонски долга драма, која сецира менталитети, мисловни матрици, бихевиористички калапи, тела и души продадени на хроничната глупост и други драмски тракатанци на секојдневието – велат од ИТИ/ПРОДУКЦИЈА.