Екатерина Лазаревска, Александра Лашкова

Македонско-германската копродукција „Повлекување“ во режија на Анабела Ангеловска, влезе во конкуренција за награди меѓу 22 филма во категоријата – документарен филм на 28. Сараевски филмски фестивал(СФФ), што ќе се одржи од 12 до 19 август годинава. Станува збор за филм во траење од 30 минути, кој обработува актуелна тема. Во текот на изминатите дваесет години, илјадници млади македонски мажи и жени беа регрутирани да работат во кујни и перални во американските воени бази во Авганистан и Ирак. Откако минатото лето американските војници се повлекоа од тие земји, тие се вратија во својата татковина. Филмот зборува за нивните судбини.

Позната е комплетната натпреварувачката програма за документарни филмови на Сараевскиот филмски фестивал кои ќе се борат за наградите „Срцето на Сараево“ за најдобар документарен филм, најдобар краток документарен филм, потоа се доделува награда за човекови права и специјална награда на жирито. За наградите ќе одлучува тричленото жири – режисерите Хилал Бајдаров, Саломе Јаши и уметничката директорка на фестивал во Холандија, Маргје де Конинг.