Џеси Ајзенберг/Фото: Фејсбук - СФФ

Од Сараево за „Нова Македонија“,
Екатерина Лазаревска и Александра Лашкова

Сараевскиот филмски фестивал (СФФ) ќе му врачи признание на актерот и режисер Џеси Ајзенберг, вечерва во летното кино во Сараево (20.30 часот), непосредно пред емитувањето на неговото режисерско првенче, филмот „Откако ќе го спасите светот“.

Американскиот актер, режисер, драматург и автор, Џеси Ајзенберг, кој патем споменато е и номиниран и за „оскар“, е почесен гостин на 28-от Сараевски филмски фестивал. СФФ вечерва ќе му го додели „Почесното срце на Сараево“.

Неговиот прв филм во кој режира, „Откако ќе го спасите светот“, годинава премиерно беше прикажан на филмскиот фестивал Санденс и имаше одлични критики. Филмот беше и прикажан во програмата на Неделата на критичарите на Канскиот филмски фестивал.

Сижето на филмот ја следи Евелин (Џулијан Мур), жена која го посветила својот живот за да им помага на луѓето во неволја. Но, таа не успева да се поврзе со нејзиниот син Зиги, интернет-ѕвезда во подем, кој е тотално незаинтересиран за светските проблеми. Ова е извонредно насликан портрет на мајка и син кои навидум се сосема различни, но всушност се многу повеќе слични отколку што се подготвени да признаат.

Овој емотивен филм, напишан и режиран од Џеси Ајзенберг, има потенцијал целосно да го обземе вниманието на гледачот.