Авторите сè повеќе се свртуваат кон технологијата, што е последица на потребата да се натпреваруваат во свет во кој потенцијалните читатели имаат многу опции како да го поминат слободното време

Познатиот американски писател Марк Твен не се согласувал со луѓето што мислеле дека е можно некој да научи како да напише роман: „Човек што не е роден со талент за пишување роман, многу страда додека се обидува да го изгради. Тој нема јасна претстава за приказната. Покрај тоа, тој нема приказна“, сметал Твен. Британскиот писател Стивен Фрај го формулирал тоа поинаку. Вели дека успешни автори се оние што знаат колку е тешко да се напише книга. Секоја година во светот се објавуваат неверојатни 2,2 милиони книги, според Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО), која ја следи активноста. Таа бројка вклучува и прозни и публицистички наслови. За повеќето од овие автори, процесот на пишување остана релативно непроменет од златните денови на Твен кон крајот на 19 век. Заплетот и идеите се запишуваат за да можат подоцна да се дешифрираат, да се развијат и рафинираат. Меѓутоа, денес технологијата му го олеснува животот на писателот.

Со „Лајнит“, надградбата на идејата е поедноставна

За Мајкл Грин, американски научник за податоци што стана романсиер, потребата да се користи технологија за да се поедностави и елаборира процесот на пишување се појавила кога бил на половина пат од пишувањето на првата книга. Со напишани 500 страници сложена приказна, тој потсетува дека целиот процес станал премногу тежок за совладување.
– Во средината на уредувањето на текстот, дојдов до точка кога почнав да се чувствувам како да имам премногу заплети и ликови. Имав еден куп документи за подлабоките аспекти на светот што ги создавав. Бев загрижен дека нема да можам да ги објавам сите – вели Грин.
Крајниот резултат беше дека Грин го создаде „Лајнит“, дигитална платформа што им помага на авторите да визуализираат, планираат и вкрстат различни елементи – како што се ликови, делови на заговор, теми и клучни настани, кои ја сочинуваат приказната. Апликацијата сега е во бета-верзија и ја тестираат голем број писатели. Во моментов е бесплатна за користење, а корисниците можат да цртаат и да ажурираат сложени дигитални обрасци или мапи на приказни.
Грин вели дека многу романсиери започнуваат со нешто повеќе од општа идеја за заплет или специфичен лик. Со „Лајнит“, вели тој, процесот на надградба на првичната идеја е поедноставен.

Дигиталната револуција и подемот на е-читачите

Друга технолошка компанија, „Крејзи мејпл студиос“, со седиште во Калифорнија, вели дека им помага на авторите да им вдахнат живот на книгите. Наместо да им ги нуди на читателите само зборовите на страницата, нејзините четири апликации – Чаптер, Скрим, Фокс и Кис додаваат анимација, музика, звучни ефекти, па дури и функција за компјутерска игра на дигиталните книги
– Дигиталната револуција и подемот на е-читачите доведоа до првата голема промена во издавачката индустрија – рече Џои Џиа, основач и извршен директор на компанијата.
Според Џиа, авторите сè повеќе се свртуваат кон технологијата, што е последица на потребата да се натпреваруваат во свет во кој потенцијалните читатели имаат многу опции како да го поминат слободното време.
Експертите, сепак, продолжуваат да предупредуваат на преголемото потпирање на технологијата.
– Технологијата исто така може да ви го одвлече вниманието, особено ако сте на чекор од социјалните мрежи или сте паднале во зајачка дупка на истражување. Брзите пет минути понекогаш може да доведат до часови изгубено време за пишување. Еден од советите што би ги дала за технологијата е да ги пронајдете она што ѝ одговара на вашата личност и природниот стил на пишување, а потоа да ги искористите – вели Мелиса Хејман, писателка.