Во рамките на проектот „Отсекогаш, сега и засекогаш“ на домашната компанија „Инбокс“, првпат ќе се овозможи дигитализирање на повеќе од пет милиони оригинални записи, стари над петстотини години, со кои располага Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Решението е избрано во рамките на јавниот повик „Дигитализација на картотеките при Институтот за македонски јазик Крсте Мисирков“, кој го спроведе Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за култура, со цел адекватна заштита и унапредување на македонското културно наследство.

Проектот во обем опфаќа девет картотеки со уникатно изразени записи, кои во моментот се чуваат во картонски кутии, несоодветно заштитени од сите форми на ризици од оштетување и уништување. Картотеката располага со стотици илјади зборови од стари ракописи пишувани со векови во македонските цркви и манастири, неколку милиони ливчиња со зборови коишто се користат во секојдневното зборување на македонскиот народ, односно дијалекти карактеристични за над 400 населени места.

Во документите се и стотици илјади ливчиња со запишани имиња, презимиња и прекари на Македонците, како и имиња на населени или ненаселени места – топоними. Преку проектот ќе се дигитализираат и милиони ливчиња со прекрасни македонски зборови од стандардниот и од народниот јазик, кои имаат едно или повеќе значења.