Балетската премиера на „Госпоѓиците од Авињон“, балет во девет слики, е закажана в среда, во 20 часот, во Националната опера и балет.
Музиката на претставата е на Калиопи Букле, кореографијата и режијата на Олга Панго, либрето и драматургија на Сашо Димоски. Костимограф е Раде Василев, а асистенти на кореографот Горан Божинов, Саша Евтимова.
Користени се сценографски елементи од операта „Змејовата невеста“, а сценограф е Валентин Светозарев.
Улогите ги играат Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лашеи, Агим Бафтии, Ендру Кук.
– Бивајќи загледан во еден свој сон во Пикасовата слика „Госпоѓиците од Авињон“, врз платното слета една мува. Мувата, еднакво љубопитна колку и јас, почна да зуи насекаде по сликата, да прелетува од еден до друг нејзин крај, да ја испитува со кураторска прецизност. За разлика од мене, мувата имаше можност да го допре платното, на нејзината текстура да ги остави своите отпечатоци врз боите и низ формите. Допирајќи ја сликата, мувата одново ја создаваше, зуејќи. Во тој миг од сонот го скицирав текстот „Госпоѓиците од Авињон“ – вели Сашо Димоски, либретист.