„Аудиција сега“ бараат над 60 дипломци, дел од Иницијативата на невработени театарџии во државава.

Над 160 дипломирани театарски работилници, од кои еден дел се на професионално доусовршување во странство, дел се имаат откажано од театарот, а над 60 театарџии- невработени и вработени, но не во својата струка, актери, режисери, продуценти и драматурзи/драмски автори, ја формираа иницијативата „Аудиција сега“, барајќи да се сретнат со надлежните.

-Нашата порака за Светскиот ден на театарот е малку поразлична од другите, има форма на Листа на барања, кои претставниците сакаат да ги продискутираат на средба со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која и формално беше побарана на 25 март годинава – велат од „Аудиција сега“.

Приоритетно барање на Иницијативата е формирање на работна група за разработка на веќе постоечките, но и креирање нови културни политики, отворање нови работни места, воведување нови критериуми за оценување на проектите за независната сцена, водење сметка за процентот на учество на невработени/вработени театарџии во театарските продукции при бодувањето, задолжително ангажирање невработени режисери со по минимум еден проект во институциите годишно, ангажирање невработени актери во секоја претстава во продукција на институционалните театри и редовни конкурси за драми на македонски драмски автори.

– Сосема случајно, дел од пораката по повод Светскиот ден на театарот на д-р Ана Стојаноска, театролог, писател и професор на Факултетот за драмски уметности при УКИМ – Скопје, го објаснува она што нè поттикна да ја формираме оваа Иницијатива ‘Најважно од сѐ, публиката, критиката, театролозите, професорите да се искрени пред себе и пред театарските уметници, да се говори јавно, отворено, да се критикува, но не да се критизира, да се инспирира, да се отвораат можностите, да не се дозволува еден или двајца луѓе да креираат програма на една театарска заедница, да се даде шанса на сите што ја заслужуваат, затоа што ние сите му требаме на театарот – истакнуваат од Иницијативата.

Оттаму дополнуваат дека очекуваат позитивен одговор и покана од министерката за култура, а нагласуваат дека сите заинтересирани театарции може да се приклучат на Иницијативата преку допис на [email protected]