Проекција на 11 класични наслови од српската кинематографија, продуцирани од раните 1960-ти до средината на 1980-тите години, ќе се одржат денеска, во Кинотеката на Македонија, како и на 11 мај (среда). Филмовите во овој избор се дел од стоте антологиски наслови снимени од српски режисери во периодот од 1911 до 1999, а кои во 2016-та беа прогласени за национално добро од големо значење во Србија. Тие се дел од проектот „ВИП Кинотека“, чија цел е да се зачуваат и заштитат филмовите што ја обележале српската кинематографија; процесот на дигитална реставрација на српското филмско наследство е реализирано во Одделението за дигитализација и дигитална реставрација при архивот на Југословенската кинотека во Белград.
Станува збор за насловите: „Кој тоа таму пее“, „Маратонците го трчаат почесниот круг“, „Лажливо лето“, „Балкански шпион“, „Национална класа“, „Пластичен Исус“, „Кога ќе бидам мртов и бел“, „Љубовен случај и трагедијата на службеничката во ПТТ“, „Венецот на „Петрија“, „Љубов и мода“ и „Давител против давителот“. Режисери на филмовите се Слободан Шијан, Горан Паскаљевиќ, Душан Ковачевиќ, Божидар Николиќ, Горан Марковиќ, Лазар Стојановиќ, Живоин Павловиќ, Душан Макавеев, Срѓан Карановиќ и Љубомир Радичевиќ.
– Овој златен пресек на српската кинематографија, секако, не може да мине и без потенцирањето на филмовите на некогашните студенти на прочуената филмска академија ФАМУ од Прага, Чешка. Филмовите на Срѓан Карановиќ, Горан Марковиќ и Горан Паскаљевиќ се дел од таа неформална „чешка школа“ во поранешната југословенска кинематографија, иако се понекогаш сосема различни според авторските интереси. Југословенската кинотека, основана во 1949 година, денес спаѓа во петте најзначајни филмски архиви во светот. Покрај богатата збирка филмови од југословенската и од српската национална кинематографија, оваа кинотека располага и со огромен фонд странски филмови, добиени како размена со другите странски архиви, депонирани од физички и од правни лица, како и преземени од широката киноприкажувачка мрежа – велат од Кинотеката.