Анализа на македонската лексика на Елена Јованова-Грујовска

Во издание на „Бата прес“ е објавено делото „Македонистички, социолингвистички и културолошки проучувања“ од Елена Јованова-Грујовска. Објавувањето на истражувањата е поддржано од Министерството за култура како проект од национален интерес за 2021 година.
– Главна преокупација во научноистражувачката работа на Јованова-Грујовска се лексичко-семантичките, зборообразувачките и социолингвистичките аспекти на современиот македонски јазик. Со објавувањето на делото, добиваме експертска, лингвистичка анализа на македонската лексика во повеќе жанрови: поезија, проза, драми, детско творештво – нагласува Весна Костовска, во рецензијата за делото.
Проф. д-р Елена Јованова-Грујовска е родена во 1966 година. Нејзиниот научноистражувачкиот опус е изразен во поголем број библиографски позиции. Авторка е на делата: „Валоризација на колоквијализмите во македонската јазична средина“, „Лексичко-семантичка анализа на именките со субјективна оценка во македонскиот јазик“ и „Капка по капка – вирче (македонско-албански пословични паралели)“. Коавторка е на дел во првиот, вториот и четвртиот том од „Толковниот речник на македонскиот јазик“, коавторка е на делото „Мал речник на туѓи зборови во македонскиот јазик“, како и на делото „Македонско-украински пословици и поговорки“. Таа е универзитетска професорка и директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.