Изложбата „Аквизиции – донации 2017-2021“ е отворена во Музејот на современата уметност. Куратори на поставката се кустос Ива Димовски и кустос-соработник Бојана Јанева. Во рамките на поставката се изложени дела што музејот ги има добиено по пат на откуп и донација од 2017 година до денес.
– Со оваа изложба музејот има цел да ѝ ги презентира на јавноста обемот и квалитетот на она што е добиено по пат на откуп и донација. Една од позначајните донации е оставината на почитуваната Радмила Угринова-Скаловска, донација од 36 уметнички дела. Понатаму, уметникот Глигор Стефанов ги подари сите негови дела од ретроспективната изложба, која беше реализирана пред неколку години во МСУ, како и несебичниот потег на авторката Кристина Пулејкова, која ја подари нејзината самостојна изложба, по повод наградата за најдобар млад уметник од Биеналето на млади уметници во 2016 година.

На поставката ќе можат да се видат и дела од основоположниците на македонската современа ликовна уметност: Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димитар Аврамовски Пандилов и други значајни уметници што се дел од македонската уметничка клима. Тука се и делата од авторот Симе Узуновски (донација од Крсте Џидров), откупите од страна на Министерството за култура на Македонија, во 2017-та, од авторите Кирил Гегоски, Жанета Вангели, Ибрахим Беди, Миле Корубин и други. Станува збор за уметнички творби што содржат разни медиуми: слика, скулптура, графика, акварел, цртеж, видео и инсталација – информираат од МСУ.
На поставката сe претставени 35 автори од македонската визуелна сцена, изложени 72 уметнички дела, од кои осум се откупени од Министерството за култура на Македонија, а 64 се донирани на музејот. Станува збор за авторите: Драгутин Аврамовски-Гуте, Димитар Аврамовски Пандилов, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Мира Апостоловска, Љубомир Белогаски, Жанета Вангели, Иван Велков, Томо Владимирски, Кирил Гегоски, Владимир Георгиевски многу други.

– Овој принцип на претставување донирани и откупени дела пред јавноста, музејот го негува уште од 1963 година. Примарната функција, односно начинот на збогатување на колекцијата преку откупна политика и понатаму останува ненадминат проблем, но затоа музејот изразува огромна почит и благодарност до уметниците и донаторите, кои и понатаму несебично ја збогатуваат колекцијата на МСУ. Поттикот за донирање останува и понатаму како главен адут на проширување на збирката на музејот – велат од музејот.