130 години од излегувањето на весникот „Македонија“

482

Во издание на НУ Библотеката „Григор Прличев“ од Охрид и Друштвото „Базилика“ од Мешеишта – Дебарца излезе од печат книгата „Коста Шахов Книжевност“ на д-р Томе Груевски, професор по комуникологија на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Со овој труд ќе биде одбележана 130 годишнината од излегувањето на весникот „Македонија“ што се појавил во градот Русе во 1888 година. По тој повод во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид на 12 октомври, петок, во 12 часот ќе биде организирана промоција на оваа книга.

Во книгата е презентирана книжевната дејност на овој македонски деец, публицист, основоположник на македонската публицистика и журналистика и истовремено и еден од основоположниците на македонската книжевна историја во втората половина на XIX и првите две децении на XX век и непосреден учесник во градењето на лозарската идеологија и еден од основачите и прв претседател на Младата Македонска Книжевна Дружина во Софија во 1891 година.

 

Во 2017 година авторот Т. Груевски ја објави книгата „Коста С. Шахов Публицистика“ во која се презентира новинарската дејност на Шахов кој се појавува како сопственик или како главен и одговорен уредник на 11 весници. Освен весникот „Македонија“ (1888-1893), тој ги издавал и весниците: „Дневни Новини“ (1890), „Странник“ (1891), „Глас македонски“ (1893-1898), „Борба за слобода на Македонија и Одринско“ (1899), „Балкански ек“ (1900), „Македонија“(1902), „Борба“ (1905), „Софиски новини“, (1906), „Македонија“ (1908-1912), „Балканска зора“ (1912). Но, со тоа не се исцрпува неговата новинарска дејност. Шахов, исто така, соработувал во многу други весници, како што се: „Реформи“ (1899), „Дебарски глас“ (1909), „Дебар“ (1905) и др., а, исто така, и во списанието „Лоза“ (1892).

За потребите на бројната македонска емиграција во Бугарија, го издавал весникот „Македонија“. Весникот не бил орган ни на партија ни на некоја струја во македонското револуционерно и ослободително движење, туку е резултат на напорите на една интелектуално осознаена личност. Весникот почнал да излегува на 21 октомври 1888 година во Русе, а продолжил во Софија.

Во првиот број на „Македонија“, Коста Шахов во својата статија ја изнесува потребата од македонски печат, кој според него преставува „топ со кој се служат сите народи освен македонскиот“. Меѓу другото тој ќе напише: „При сè што сме два милиони луѓе, пак немаме, еден каков и да е весник, кој ќе нè држи во текот на работите што се случуваат околу нас и за нас и ќе ни служи за да ги изразиме нашите народни искажувања и мисли. Денеска печатот е посилен од топот и со него се служат скоро сите народи на светот, освен нас…“

Проследувајќи го развојот на македонската проза од почетокот на XIX век, и „низ споредбени интенции доаѓаме до современиците на Шахов од редот на македонските литературни творци: Евтим Спространов, Атанас Раздолов, Христо Калчев, Васил Пасков, Никифор Попфилипов, Петар Стојков и уште некои други творци и на оваа „поприлично затемнета епоха и развојна етапа од македонската литературна историја“, истакнува професорот Томе Груевски.

Книжевната дејност на Коста Шахов опфаќа повеќе книги раскази: „Зугра“, (1893), „Стојан војвода“, (1890) „Албанска вдовица“,„Несреќниот Стојко“, „Миленко“, (1895) идр., што се објавени во весникот „Македонија“ од 1888 година во рубриката „Раскази“, но подоцна Шахов во 1893 година ги објавил во Софија, како посебни книги.