Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжи со извонреден настап на членовите на Здружението на џез-музичари на Македонија – Колектив со гудачи. Премиерниот концерт на сцената „Долни Сарај“ и пред публиката, која го исполни и последното место од гледалиштето, го изведоа 23 врвни македонски музички уметници под диригентската палка на маестро Емин Џијан.
– Ова е втор настап на Здружението на џез-музичари на „Охридско лето“. Претходниот пат одржавме целовечерен концерт во 2017 година со „Биг бенд“, бендот на здружението. Годинава имаме уметници од Националната опера и балет, од Националната филхармонија, можеби звучи нескромно, но сметам дека овде е кремот на џезерите во Македонија. Би рекол, сериозна екипа на интересно место – изјави претседателот на Здружението на џез-музичари Гоце Стефковски.
Џез-уметниците на сцената донесоа свои композиции специјално создадени за овој концерт со што ја потврдија посветеноста во креирањето и создавањето нови дела во македонските џез текови.

– Овој пат се одлучивме за варијанта со гудачки оркестар, најмногу заради оние композиции што ги направивме специјално за овој концерт. Изведовме дела компонирани и аранжирани од членовите на здружението. Тоа за нас е новитет, не свириме аранжмани правени од светски познатите композитори, туку комплетно македонски, домашен музички продукт. Тоа не е мала работа, туку напротив сериозна задача што си ја поставивме пред себе. Многу сме благодарни за организацијата на „Охридско лето“ што ни овозможи да направиме еден од најубавите концерти од ваков формат – рече Стефковски.
Тој додаде дека композициите се создавани и аранжирани од членовите на Здружението на џез-музичари изминатиот период во екот на пандемијата и дека за настапот биле доволни само пет проби на професионалните музичари за да се направи концертот што долго ќе се памети.