Приватен миг

Важи за најистакнатиот композитор на романтизмот, автор на незаборавни опери, кои денес се меѓу најизведуваните во светот. Џакомо Пучини е роден во 1858 година во Тоскана, во градот Лука, како седмо дете во семејство од чии редови два века се поставувал музички директор во катедралата „Сан Мартино“ во Лука. Од самото раѓање на Џакомо му било одредено дека тој ќе биде наследник на директорското место на татко му кога ќе порасне. Но татко му починал кога Џакомо имал само шест години, па не можел да го наследи местото на директор. Уште од детството бил упатен во музиката, вклучен во хорот, а образованието го добил во католичко училиште, потоа дипломирал музички студии.
На 21 година Пучини ја компонира својата „Миса“, а во текот на студиите компонира уште две опери што веднаш постигнуваат успех. Тоа му обезбедува финансиска сигурност и желба да продолжи да компонира. Операта „Манон Леско“ ќе му овозможи да си купи скромна куќа, која подоцна прераснува во прекрасна вила каде што ќе помине најголем дел од животот. Во такво опкружување со природа, Пучини го наоѓа својот мир неопходен за компонирање.
Приватниот живот на Пучини бил бурен. Уште во 1884 година почнал врска со мажена жена, Елвира Џемињани, која забременила од него. Кога бременоста станала видлива, отишла тајно да се породи. Нивниот син Антонио, Елвира и нејзината ќерка од првиот брак живееле со Пучини, а кога мажот на Елвира е убиен во еден љубовен триаголник, Пучини и Елвира се венчале. Бракот бил полн со несогласувања и измами. Самиот Пучини имал врски со неколку познати пејачки од тоа време, а проблемите во бракот кулминирале во 1919 година, кога Елвира јавно ја обвинила слугинката дека има афера со композиторот. Слугинката по јавниот срам се убила, а аутопсијата покажала дека починала како девица. Елвира е обвинета за клевета и требало да заврши во затвор, но казната ја избегнала плаќајќи му отштета на семејството на слугинката. Многу години подоцна се открило дека Пучини всушност бил во врска со роднината на слугинката.