Концерт на Филхармонија

„Шпански танц“ е насловен концертот на Филхармонијата што ќе се одржи вечерва, во 20 часот, на кој ќе бидат изведени барокните варијации „Пасчакона“ од македонскиот композитор Благој Цанев и „Кармен свита“ од Бизе-Шчедрин. Со оркестарот ќе диригира Емил Табаков од Бугарија.
Благој Цанев е македонски композитор чиј творечки опус се базира на неоромантизмот и неокласичната естетика. Цанев е првиот дипломец (1970) на Високата музичка школа (подоцна ФМУ), каде што подоцна дипломира и на Одделот за композиција, во класата на проф. Властимир Николовски. Работи како професор во Средното музичко училиште, а потоа и на ФМУ. Неговиот опус бележи дела од повеќе музички родови, а најзначајни се хорскиот, камерниот и солистичкиот жанр. Делата на Цанев ротираат околу класичниот хармонски и мелодиски призвук, а често лајтмотив, но и интегрирана суштина во неговиот опус е и инспирацијата од македонскиот музички фолклор. На полето на камерната музика ги остварува најзначајните творечки достигнувања.

– Барокните варијации „Пасчакона“ за гудачки оркестар се напишани во стилот на необарокот, како што сугерира и самиот наслов на композицијата. Делото е напишано како омаж на творештвото на Јохан Себастијан Бах, во 1985 година, по повод 300-годишнината од раѓањето на композиторот. Во него, користејќи ги музичките придобивки од барокот, Цанев вешто и инвентивно го трансформира опусот на Бах, вметнувајќи свој автентичен печат. Во „Пасчакона“, композиторот се инспирира од двете најпопуларни форми на барокот – пасакаља и чакона, креирајќи моќно музичко дело, кое плени со својата јасна структура и едноставност – велат од Филхармонијата.
Родион Шчедрин е руски композитор и пијанист (1932), припадник на генерацијата автори по онаа на Дмитри Шостакович. Неговата музика никогаш не е досадна, имал фантастична композиторска техника, совршено чувство за креирање оркестарски ефекти и боја и исклучително остра и фокусиранa духовност. Најпознат е по неговата исклучителна балетска адаптација на операта „Кармен“ од Бизе – напишана за гудачи и перкусионисти, во која совршено може да се согледа неговата неверојатна имагинација. „Кармен свита“ е музика за балет во еден чин, а ја напишал во 1967 година за својата жена – примабалерината Маја Плисецкаја.

– Во суштина, Шчедрин успева да ѝ даде нов здив на музиката на Бизе и да создаде креативен омаж, наместо едноставен аранжман. Музиката за балетот е инвентивна и полна со енергија и активно го живее својот интернационален живот како концертна свита. „Кармен свита“ е музичко дело што совршено добро функционира и како музика за балет, но и како самостојно уметничко дело што претставува редовен репертоар на светските оркестри – стои во најавата за вечерашниот концерт.
Маестро Емил Табаков од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 цедеа), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен…
Носител е на престижни награди и како диригент, меѓу кои и на наградата личност на годината според Меѓународниот библиографски центар во Кембриџ, Англија, како еден од 100-те најдобри професионалци за 2012 година.