На 19 октомври, со почеток во 20 часот, на програмата на Кинотеката ќе биде прикажан реткиот бисер од филмските архиви, италијанскиот нем филм „Пеколот“ од 1911 година, во траење од 71 минута, црно-бел, во режија на Франческо Бертолини, Адолфо Падован и Џузепе де Лигуро. „Пеколот“ се смета за прв долгометражен игран филм во светската кинематографија и е снимен според првиот дел од епот „Божествената комедија“ на Данте Алигиери, кој е фундамент на модерниот италијански јазик и на новоевропската книжевност и култура.
Со проекцијата на филмот, Кинотеката и Амбасадата на Италија ја одбележуваат Неделата на италијанскиот јазик во светот, глобална манифестација што традиционално се одржува во октомври, како и 700-годишнината од смртта на Данте Алигиери. Проекцијата во Кинотеката ќе биде проследена со музика во живо, во изведба на пијанистот Марио Маријани од Италија. Маријани е авангарден композитор и изведувач, познат по својот неконвенционален пристап во настапувањето и изведувањето, а својот инструмент го замислува и третира како оркестар.
Режиран од тројца автори, „Пеколот“ е филм од жанрот на фантастичниот хорор и е составен од 54 сцени, чија визуализација е главно инспирирана од илустрациите на познатиот графичар Гистав Доре, француски сликар од 19 век. „Божествената комедија“ на Данте Алигиери е инспирирана и посветена на неговата голема љубов Беатриче Портинари. Епот на Данте Алигиери се смета за фундаментално дело на европската книжевност во средниот век, а неговиот јазик подоцна станал основа за создавање на модерниот италијански јазик. Тој се смета за прво големо класично дело на италијанската кинематографија. Филмот е сниман во филмското студио во Милано и во пејзажите на Ломбардија.
Во 2002 г. филмот е реставриран, а една негова верзија е дистрибуирана со музиката на електронскиот бенд „Тангерин дрим“ од Германија, основан во 1967-та од музичарот Едгар Фрезе.