Животниот пат го води Ибрахим Кодра од Албанија во Милано и Рим, Италија, каде што творечки се развива во светската академија за ликовни уметности „Брера“, а во понатамошниот професионален и личен развој создава, изложува и другарува со најпознатите имиња на светската уметност, како што се Пабло Пикасо, Анри Матис, Амадео Модиљани, Жорж Руо, Жорж Брак, Хуан Миро, Оскар Кокошка и други

По повод одбележувањето 100 години од раѓањето на Ибрахим Кодра, Националната галерија на Македонија подготвува голема поставка со негови дела. Изложбата на светски познатиот албански уметник Ибрахим Кодра (1918 г., Ишем, Албанија – 2006 г., Милано, Италија) ќе биде реализирана од Националната галерија на Македонија во соработка со Националната галерија на Косово и фондацијата „Ибрахим Кодра“ од Милано, Италија. Отворањето е закажано за 12 мај, во 20 часот, во Националната галерија на Македонија, објект „Чифте-амам“, а изложбата ќе трае до 12 јуни.

Животниот пат го води Ибрахим Кодра од Албанија во Милано и Рим, Италија, каде што творечки се развива во светската академија за ликовни уметности „Брера“, а во понатамошниот професионален и личен развој создава, изложува и другарува со најпознатите имиња на светската уметност, како што се: Пабло Пикасо, Анри Матис, Амадео Модиљани, Жорж Руо, Жорж Брак, Хуан Миро, Оскар Кокошка и други.
Ибрахим Кодра изработил повеќе фрески за најпознатите музеи и згради во Милано и изложува низ повеќе центри во целиот свет (Њујорк, Токио, Палермо, Штутгарт и други), достигнувајќи многу голем успех. Неговите уметнички дела, создадени со посткубистички влијанија, се збогатени со реминисценции на традицијата на неговата татковина, Блискиот Исток, Византија, средбите на културите на Средоземно Море. Неговите уметнички дела се наоѓаат во многу музеи и приватни збирки, како што е Музејот на Ватикан.

– Ова претставување на творештвото на светски најреномираниот албански уметник, кој изложувал и соработувал со многу светски имиња што го означиле текот на модерната и современа уметност во Европа и светот, ќе опфати дела од различни творечки периоди на Ибрахим Кодра. На изложбата ќе бидат претставени дела што се сопственост на Националната галерија на Косово и на фондацијата „Ибрахим Кодра“ од Милано, Италија – велат од Национална галерија на Македонија во најавата за поставката.
Кодра за време на својот живот изложувал во светски уметнички центри, во 1951 година учествувал на групна изложба во Кралската палата во Милано, заедно со Пикасо, Дали, Ернст, Брак, Леви, во 1954-та, пак, неговите дела стоеле рамо до рамо со оние на Миро, Кокошка, Леже и Северини. Голем број изложби имал во Цирих, Штутгарт, Токио, Њујорк…