„Фондацијата Мигел Делибес“ се обидува да го зачува наследството на татко ми, исто така и да го олесни ширењето на неговата работа и вредностите што тој секогаш ги поддржувал, одбрана на животната средина и социјалната правда, вели Елиса Делибес, ќерка на шпанскиот писател Мигел Делибес

По повод стогодишнината од раѓањето на шпанскиот писател Мигел Делибес, Амбасадата на Шпанија во Скопје, во соработка со центарот за шпански јазик „Каста Дива“, Драмскиот театар (Министерство за култура) и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, оваа недела организира серија културни активности, со цел промовирање и ширење на делото на Делибес, неговите вредности и шпанскиот јазик.
Во името на „Фондацијата Мигел Делибес“, на сите настани во Скопје ќе учествува и Елиса Делибес де Кастро, претседателка на фондацијата и ќерка на писателот, како и Фернандо Замакола Феихо, управен директор.
– Кога постои фондација и се слави стогодишнина, нормално е да се одбележи со активности што ја паметат вредноста на авторот и иако беа многу намалени поради ковид, сепак, беа возбудливи и интересни. Бев многу трогната од пречекот што ни го приредија во Скопје во сите области, а особено од младите студенти по шпански јазик. Исто така, возбудена сум што утре ќе присуствувам на театарската претстава „Пет часа со Марио“ и уште многу работи што допрва треба да ги направиме – вели Елиса.
Мигел Делибес беше плоден писател. Најпознати му се романите, особено „Сенката на чемпресот е издолжена“. Една од неговите карактеристики е вештината во градењето на ликовите.

– Татко ми почина пред само единаесет години, сѐ уште е рано да се воочува неговиот белег. Неговото дело продолжува да се чита, преведува и проучува, што нè тера да мислиме дека тој ќе остане во времето како важен шпански новелист од втората половина на 20 век. Можеби основната карактеристика на делата на татко ми беше неговата етичка грижа, покрај естетиката што ги карактеризира сите негови литературни дела. Горда сум на работата на татко ми, за пофалба е и тоа што беше татко на седум деца, новинар и учител, а сепак наоѓаше време да ѝ се посвети на литературата – раскажува Елиса.
Нејзино омилено дело од перото на татко ѝ е „Мојот живот на отворено“.
– Тоа е автобиографско дело, во кое раскажува за спортовите што ги практикувал како дете и како возрасен и неговата страст да биде на отворено. Освен тоа, романот е забавна и оптимистичка книга – вели таа.
Во рамките на одбележувањето на стогодишнината ќе биде промовиран преводот на книгата „Пет часа со Марио“, преведена од Ненад Велковски, во редакција на издавачката куќа „Каста Дива“.
– „Пет часа со Марио“ е тежок роман. Тоа е монолог на 45-годишна вдовица пред трупот на нејзиниот сопруг, во кој се разгледуваат нивните животи. Формата, без паузи, скокањето од една на друга тема и тотално разговорниот јазик не го олеснуваат читањето, иако е едно од делата на Делибес што најмногу се чита и преведува – објаснува Делибес.

Една од најважните фрази на авторот е „Народ без литература е нем народ“. Вредностите на неговите дела се слободата, социјалната правда и солидарноста, одговорното новинарство и љубов и почит кон природата.
– Фондацијата се обидува да го зачува наследството на татко ми, исто така и да го олесни ширењето на неговата работа и вредностите што тој секогаш ги поддржувал, одбрана на животната средина и социјалната правда – дополнува Елиза.
Во рамките на програмата, шпанската амбасада ќе реализира средби со претставници на Министерството за култура, Здружението на преведувачи и толкувачи, Друштвото на писателите и Здружението на издавачите, посета на центарот за шпански јазик „Каста Дива“, донација на авторски книги и средба со учениците, конференција на Филолошкиот факултет, донација на книги, промоција на „Пет часа со Марио“, изведба на истоимената претстава во Драмскиот театар во изведба на Биљана Драгиќевиќ-Пројковска и во режија на Дејан Пројковски.