Американските медиуми, меѓу кои и влијателните „Њујорк тајмс“ и „Лос Анџелес тајмс“, објавија одлични рецензии за документарниот филм „Медена земја“, македонскиот победник на „Санденс“, кој застапуван од американската компанија за производство и дистрибуција на филмови „Неон“ од 26 јули се прикажува во кината во САД.

Документарецот деновиве доби позитивни коментари и од: „Њујоркер“, „Венити фер“, „Ролинг стоун“, „Атлантик“, „АВ клуб“, „Ноктурнал“, „Шокја“… За филмот пишуваат и „Нонфикшн филм“, „Попбрејк“, „Вокс“, „Индивајр“ и „Дедлајн“.
Во текстот со наслов „Бодежот и благоста“, критичарот на „Њујорк тајмс“ A.O. Скот, вели: „Документарецот за конфликтот на македонската пчеларка со нејзините соседи станува лирска еколошка приказна“.

Нагласува дека уште во првите минути документарецот е одушевувачки, возвишен, необичен и богат со човечка и природна убавина – како на филм.
Филмскиот критичар Џастин Чанг во рецензијата за „Лос Анџелес тајмс“ вели дека првите сцени од волшебниот и трогателен документарец од режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов се чудесни за гледање. Инаку, на „Ротен томејтос“, водечкиот онлајн-агрегатор на филмски и ТВ-критики, кој важи за еден од најрелевантните ресурси за препораки на филмови, „Медена земја“ има 100 отсто позитивни коментари.