Овој гест не претставува изненадување за оние што ја познаваат Љупка Делева, отворена, храбра уметница, која во разговорот што по овој повод по електронски пат го водевме ја објасни подетално својата иницијатива за планираната добротворна изложба

Македонската уметница Љупка Делева, која со години живее и работи во Венеција, деновиве се обрати преку Фејсбук до своите колеги уметници од земјава, доколку сакаат, да ѝ се приклучат на нејзината иницијатива да подарат, како и таа, свое дело за добротворната изложба „Уметниците за Венеција“ и делата да ги оставаат во просториите на „Мала станица“ при Националната галерија на Македонија, заклучно со 22 ноември од 9 до 15 часот. Наведе дека одговорни лица се тамошните кустоси Александар Таневски и Љупчо Маленков, но и дека заинтересираните покрај делото треба да остават кратка биографија, како и назнака дека делото е подарок за добротворна изложба во нејзина организација.

– Ве замолувам делата да бидат исклучиво на хартија, неврамени, да не бидат поголеми од 50 x 35 см – напиша на својот фејсбук-профил Делева, изразувајќи наедно и голема благодарност до директорката на Националната галерија Дита Старова Ќерими, за поддршката на оваа иницијатива за солидарност кон луѓето од Венеција, чии живеалишта беа погодени од високата плима на 12 ноември годинава.
Овој гест не претставува изненадување за оние што ја познаваат Љупка Делева, отворена, храбра уметница, која во разговорот што по овој повод по електронски пат го водевме ја објасни подетално својата иницијатива за планираната добротворна изложба.

– Идејата ми дојде спонтано, поттикната од една моја познаничка венецијка, оперска пејачка, која во ФБ-групата „за конкретна помош на Венеција 12.11. 2019“, напиша дека има идеја да направи добротворен оперски концерт во Сан Ремо, каде што моментално живее. Ми даде поттик јас да подарам мое дело ако некој се нафаќа да направи добротворна изложба, да организира. Ги тагнав луѓето уметници и галеристи за помош. Разговарав со Паоло де Грандис, интернационално познатиот организатор на уметнички изложби, кој ми рече јас да ја организирам бидејќи идејата е моја, но дека тој ќе стои зад мене. И така почна да се развива, тргнувајќи од еден пост на ФБ. Како се реализира? Во од, зависи од многу фактори, од галериски простор, кој е најголем проблем во Венеција, но и затоа што овде, во Венеција, можам да се потпрам само на себе, а и целиот проект е на волонтерска база. Мотивот ми беше што конкретно можам јас да направам за луѓето, кои во рок од 15 минути ги видоа својата куќа поплавена, уништените апарати за домаќинство, креветите на кои спиеја како пливаат во вода. Во оваа моја акција ги споив моите капацитети за организација, создадените контакти во Венеција, како и чувството за емпатија кон другиот. Во овие денови меѓу венецијците се чувствува голема солидарност, нешто невидено, тоа ме понесе – вели Делева.

Таа истакна дека во оваа нејзина иницијатива сѐ се случува спонтано, а напомена дека и самата ќе дојде утре во Скопје да ги подигне делата што ќе бидат оставени во „Мала станица“.

– Идејата во мојата иницијатива да се вклучат и македонски автори ја добив кога откако колегата Лади Цветковски читајќи го постот на италијански јазик ме запраша каде да го остави делото. Случајноста што наскоро ќе доаѓам во кратка посета на Македонија овозможува да ги однесам и делата на хартија од нашите уметници. Се јавија досега доста уметници од Венеција, Моника Мартин, Мартина Пурисол, уметници и фотографи од Милано, Падова, мојата пријателка од Норвешка, Ингрид Сагој ќе подари дело. Се јавија и Нада Прља, Круносав Стојановски од Хрватска и негови колеги, потоа Јана Манева-Чупоска, Урош Вељковиќ, Дијана Томиќ, Марина Лешкова, Дороти Пачкова, Борис Шемов, групата „Зеро“… Многу се, да не ги набројувам сите, ќе ми извинат оние што не ги споменав. Особено ми е драга поддршката од Соња Абаџиева, која ми напиша во коментар: „Италија даде голема солидарност со подарени дела во Музејот на современата уметност во постземјотресно Скопје, сега е ред на нас да возвратиме…“ А јас, ете, како да станав мост меѓу овие две земји што си помагаат во оваа културно-уметничка сфера, но и човечка, хумана.

Вложувам многу љубов и енергија во оваа изложба и се надевам дека сите делчиња од сложувалката ќе се спојат за таа навистина да се одржи, да дојдат заинтересираните љубители на уметноста да купат дела и со тоа да им се даде брза и конкретна помош на загрозените луѓе во Венеција. Меѓу нив се и штитениците на асоцијацијата „Онлус Анфас“, луѓе со Даунов синдром и аутизам – посочи уметницата Љупка Делева, која наедно му се заблагодари и на генералниот конзул на Македонија во Местре, Венеција, Стојан Витанов за поддршката на оваа нејзина иницијатива.