„Љубовници во пандемија“ на Манева-Чупоска во Украина

Изложба на цртежи и колажи на Јана Манева-Чупоска со наслов „Љубовници во пандемија“ е отворена во Националниот музеј за уметност во Херсон, Украина. Изложбата се состои од четириесет дела, цртежи и колажи изработени во комбинирана техника: молив, јаглен, акрил и темпера.
Авторката е инспирирана од актуелната состојба со пандемијата, која во негативен правец целосно го промени начинот на животот кај луѓето. Насловот има алегорична конотација и алудира на надеж и потреба за враќање на животот во нормален правец. Преку фигуративните композициски ликовни претстави, ликовната уметница Јана Манева-Чупоска ја пренесува својата психолошка и емотивна состојба во корона-кризата. Таа ја нагласува љубовта како ликовен симбол што во овие дела дава надеж дека сепак љубовта ќе го спаси човештвото.
Изложбата е под кураторство на Елена Чепелук, професорка на Факултетот за уметност и дизајн во Херсон. Изложбата, освен во Националниот музеј, беше претставена и во галеријата на Факултетот за уметност и дизајн во Херсон, Украина.
Изложбата „Љубовници во пандемија“ е финансирана од Министерството за култура како национален проект од ликовната област за 2020 година.