Фото: Емил Јовановиќ

Со околу 400 гледачи, наместо 2.000, колку што во изминативе години биле присутни во Античкиот театар во Охрид, завчеравечер беше отворено јубилејното 60-то издание на фестивалот „Охридско лето“. Публика имаше на секој втор ред на трибините на Античкиот театар, а гледачите седеа на растојание од два метра. Отварањето беше во знак на основоположничката на фестивалот, оперската дива Ана Липша-Тофовиќ, со концерт на арии во изведба на светски познати солисти.

Манифестацијата почна со познати арии во изведба на уметниците: Марија Јелиќ, Дарио ди Виетри, Иван Томашев и Аманда Стојовиќ, во пијано-придружба на маестро Миливое Велиќ. Концертот беше посветен на незаборавната оперска примадона Ана Липша-Тофовиќ, со чиј концерт во 1961 година започна историјата на фестивалот.
Фестивалот за отворен го прогласи претседателот Стево Пендаровски.

– Да се организира „Охридско лето“ во услови на ковид-19 воопшто не е лесно, но е апсолутно неопходно. Веќе 60 години оваа манифестација е модел за врвни естетски достигнувања на меѓународно ниво. Во исто време, ова е фестивал на креативни поединци, кои се исправаат наспроти деструктивните тенденции. Се разбира дека од ваквите потфати на уметничко здружување и политиката може да учи за тоа како се создаваат слободни, отворени, еманципирачки, динамични јадра што ја потврдуваат убавината на различностите – рече Пендаровски.

Пред публиката се обрати и министерот за култура во заминување Хусни Исмаили, кој изрази задоволство што фестивалот е постар од голем дел од присутните вечерва на Античкиот театар.

До 30 август на отворените сцени на Античкиот театар, Долни сарај, предворјето на „Света Софија“, како и во самата црква ќе настапат околу 300 уметници од 19 земји, како и голем број домашни уметници. Најголемо внимание се очекува да предизвика настапот на пијанистите Кемал Гекиќ од САД и Наталија Трул од Русија, саксофон-квартетот „Фукио“ од Шпанија и концертот на четири клавири и оркестар од Чешка.​ Фестивалот годинава ќе трае до 30 август. Почнува со три недели задоцнување, односно на 4 август, наместо на 12 јули како досега.