Утре по дваесет и петти јубилеен пат во единствениот простор за уметничко творење во земјава „Куќата на уметноста“ во селото Кнежино ќе биде отворена Интернационалната кичевска ликовна колонија, низ која во изминатите 25 години продефилирале над 300 уметници и вајари од сите континенти, дел светски познати мајстори на платното и четката, кои создале повеќе од 1.300 дела. На годинашната сесија ќе творат 12 уметници од четири континенти.
– Годинава ќе има уметници од Канада, Кина, Австралија, како и од соседните земји, Србија, Бугарија и Косово, Кипар и група познати македонски сликари. Во претстојните две недели очекуваме уметниците да создадат околу 40 дела, а во кратки периоди во „Куќата на уметноста“ ќе творат и уметници што тука ќе останат по ден-два – истакна Горан Донески, директор на генералниот покровител АД „Тајмиште“.
Меѓу уметниците што работеле на оваа колонија со своето дваесетто учество и годинава ќе биде присутен доајенот на оваа колонија, професорот од Северен Кипар, Феридун Исиман. Од нашите уметници на јубилејната колонија ќе творат: Жарко Јакимовски, Решат Амети и Владимир Темков. Во текот на оваа сесија уметниците ќе направат и еднодневен излет до Охрид, а ќе ги посетат и знаменитите места околу Кичево.