Јубилејна изложба под наслов „Иван Велков, 90 години од раѓањето“ ќе биде отворена денеска во Националната галерија, во објектот „Чифте-амам“. Ќе бидат претставени деведесетина дела од сите творечки фази на сликарот Иван Велков, кои се дел од колекциите на: Националната галерија, Музејот на современата уметност, Скопје, Заводот и музеј – Охрид, Заводот и музеј – Штип, НУЦК „Антон Панов“, Струмица, на семејството Велкови, како и на голем дел приватни сопственици.
Иван Велков (1930, Врање – 2008, Скопје) спаѓа во рангот на еминентните македонски сликари, универзитетски професор, припадник на повоената генерација уметници, кој одигра особено значајна улога за развојот на македонското сликарство во 1960-тите години. Авторките на изложбата и на текстот во каталогот, вишите кустоски Маја Чанкуловска-Михајловска и Маја Неделкоска Брзанова, меѓу другото истакнуваат дека Велков без двоумење се вбројува во рангот на најзначајните македонски автори поради фактот дека со своето творештво внесе сопствени иновации, но и дел од движењата од светската ликовна сцена кај нас.

Во историјата на македонската ликовна сцена Велков се издвојува и е забележан како автор на препознатливи дела со експресионистичка, кубистичко-конструктивистичка, геометриска и лирска апстракција По завршувањето на Ликовната академија во Белград и по првичните експресионистички ликовни изрази, во периодот 1953-1955 година, Иван Велков од 1956 година ги истражувал новите простори на сликата со геометриски израз, односно сферите на (пост)кубизмот, апстракцијата, надреализмот. Неговата творечка активност и значење за македонската ликовна уметност веднаш била препознаена и валоризирана од страна на македонската критика и критиката од поранешните југословенски простори. Велков заедно со својот колега и пријател Петар Мазев биле иницијатори за формирање на познатата ликовна група „Мугри“.