Јиржи Менцел ќе остане запаметен како голем пријател на Македонија

По повод неодамнешната смрт на светски познатиот чешки режисер Јиржи Менцел, Ректорот на Интернационалниот универзитет Еуропа Прима, Јордан Плевнеш, упати порака со сочуство до Амбасадорот на Република Чешка, Н.Е. Мирослав Томан.

Јиржи Менцел ќе остане запаметен како едно од најзначајните имиња на европската и светската кинематографија. Тој важеше за една од водечките фигури на новиот бран на чешкиот филм. „Строго контролирани возови“ беше прогласен за најдобар странски филм и ја освои наградата „Оскар“ во таа категорија во 1968 година.

Во 2009 година, на свечената церемонија организирана во негова чест во Скопје, беше прогласен за Doctor Honoris Causa на Интернационалниот универзитет Еуропа Прима, кој во тој период го носеше името Универзитет за аудиовизуелни уметности ЕСРА.

Јиржи Менцел ќе остане запаметен како голем пријател на Македонија и луциден пример за моќта на креативната експресија која ги надминува тесните персонални и регионални лимитации, и се афирмира како интегрален дел од светската кинематографска оставштина.