Во програмата за деца на „Сараевскиот филмски фестивал“ се најдоа српскиот детски филм „Злогоње“ („Вештерки“), во кој една од главните улоги игра македонската актерка Јелена Јованова, и новиот краток филм на Ханис Багашов, „Мишко“, во кој играат Марко Ристовски, Тарик Рамадани, Верица Недеска, Игор Ангелов и Веда Спасовиќ

Српскиот детски филм „Злогоње“ („Вештерки“), во кој една од главните улоги игра македонската актерка Јелена Јованова, ќе биде прикажан во детската програма на претстојниот „Сараевски филмски фестивал“, кој се отвора на 10 август. Станува збор за авантуристички филм за деца, заснован на мотивите на книгата „За копчето и среќата“ на Јасминка Петровиќ. Како што наведуваат продуцентите, „Злогоње“ е приказна за Јован, дете на 10 години што е родено со парцијална церебрална парализа. Низ својата фантазија тој бега во светот на приказните, во кои е слободен да направи што сака и да биде кој ќе посака…

Филмот е во режија на Рашко Миљковиќ и негов прв филм, а сценариото е на Марко Манојловиќ и Милош Кречковиќ.
Продуценти се „Акација продукција“ од Србија и копродукциската куќа „Дрим фактори“ од Скопје. Проектот е поддржан од Филмскиот центар на Србија, „Медиа програмата“, „Креативна Европа“, Македонската филмска агенција и др. Филмот ја освои првата награда во Торонтоп, на „Кидс фестивалот“, како составен дел од „Интернешнел Торонто филм фестивал“.

Ова остварување на бајковит начин го прикажува раѓањето на пријателството, но и како во модерното општество се чуваат семејните вредности и на изглед непремостливите проблеми стануваат решливи за луѓето што ги сакаме.
Во програмата за деца на „Сараевскиот филмски фестивал“ се најде и новиот краток филм на Ханис Багашов, „Мишко“, во кој играат Марко Ристовски, Тарик Рамадани, Верица Недеска, Игор Ангелов и Веда Спасовиќ. Приказната го следи Ангел, тивко и повлечено момче, кој оди со својот другар Мишко да бере јаболка за продажба. Но како што минува денот, Ангел сѐ повеќе се соочува со суровоста на Мишко и своите родители.

Кинематографер е Самир Љума, а музиката е на Златко Ориѓански. Филмот беше прикажан на неодамнешниот „Бич филм фестивал “ во Охрид.
Инаку, на 24-то издание на СФФ на публиката ќе ѝ бидат понудени вкупно 266 филма од 56 земји. Фестивалот ќе го отвори филмот „Студената војна“ на оскаровецот Павел Павликовски, кој за овој филм ја доби наградата за режија на Филмскиот фестивал во Кан. Во програмата „Опен еар“, која традиционално привлекува најмногу посетители, ќе биде прикажан новиот филм на Асгар Фархади, „Сите знаат“. Овој афирмиран ирански режисер годинава е и на чело на жирито во Сараево, кое ќе ги оценува филмовите во натпреварувачката конкуренција.