На 6 и 7 јули, Амбасадата на Јапонија и Кинотеката ќе репризираат два филма од четиринаесеттото издание на „Неделата на јапонскиот филм“. Љубителите на јапонскиот филм, кои ги пропуштија филмовите или би сакале повторно да ги погледнат, се добредојдени во Кинотеката.
Првата проекција е на филмот „Уживајте во ручекот на тато“, 2017 г., во режија на Масаказу, со Тошими Ватанабе, Рена Такеда, Шо Кијохара. Филмот на Фукацу е инспириран од вистинска приказна за еден јапонски татко, кој три години приготвувал секојдневни ручеци „бенто“ – за својата ќерка-средношколка. Неговите ручеци се повеќе од вообичаени оброци: тие се вкусни и непобедливи креации, секогаш спакувани во интересен стил. Филмот избира многу директен пристап: сите дијалози во филмот се за ручеците. Таткото и ќерката Мидори, таткото и неговите колеги, Мидори и нејзиното момче, Мидори и пријателките… Сите разговараат само за храната.
Ќе биде прикажан и филмот „Секој ден е добар ден“, 2018 г., во режија на Тацуши Омори, со Хару Куроки, Кирин Кики, Микако Табе, Шинго Цуруми.
Норико е студент на универзитет. По препорака на нејзината мајка, Норико започнува да присуствува на традиционалната јапонска церемонија на чај во близината на нејзината куќа, со нејзиниот братучед Мичико. На тие церемонии на чај, Норико е подучувана од учителката Такеда. Норико го стекнува искуството на церемонијата на чај во својот живот, искуство потребно за неа, во моментите на тага или на среќa. Филмот е базиран врз есејот на Норико Моришита од 2002 година, кој го анализира филозофскиот дух на овој сегмент од јапонската традиција. Јапонскиот израз „секој ден е добар ден“ е зен-израз што се користи во популарниот социјален момент на „церемонијата на чај“, што е многу повеќе од просто испивање топол (или студен) напиток од разни видови билки.