Во ликовниот салон во Велес деновиве беше отворена изложбата „Јапонски лебдечки свет УКИЈОЕ“, на која се претставени 28 принта од цртежи од најпознатите јапонски мајстори за дрворези од 17 и 18 век. Настанот е во организација на Музејот на градот Скопје, во соработка со Народниот музеј од Велес и јапонската амбасада во Скопје.

Промоторката на изложбата Анита Василкова-Мидоска, директорка на велешкиот народен музеј, посочи дека изложбата е концепциско дело на кураторката Јасмина Намичева. Таа преку проектот „Мјузеум линк“, во кој се вмрежени 27 институции од културата, ја претставува оваа патувачка изложба низ земјава, носејќи ги во себе духот на времето и стремежот уметноста во својата космополитска компонента да допре до поголемата публика.

– Овие дела се омаж на убавината на месечината, црешовите дрвја и јаворовиот лист, потоа птиците, цвеќињата и идиличните пејзажи. Делата го отсликуваат креативниот дух на натпреварот за превласт меѓу трговската класа и самураите во сферата на елеганцијата и рафинираниот вкус. Овој жанр не запира само во претставувањето на убавината на природата, напротив, тој пред нас го носи богатиот свет на кабуки-театарот, сензуалноста и рафинираноста на куртизаните и жените што под раскошните облеки кријат здраво и силно тело, исполнето со визуелни тактилни и софистицирани импресии, односно жена што зрачи живот и енергија – појасни Василкова-Мидоска.

Таа информира дека, според техниката на изведбата на графиките, односно печатењето дебели слоеви боја врз хартија, овие цртежи биле нарекувани „нишики“ или „брокатни слики“, бидејќи личеле на најквалитетната брокатна свила.

– Овие слики го менуваат и правецот на уметноста и ги создаваат основите на современата уметност, на уметноста што ја имаме и денес – рече Василкова-Мидоска.