По препорака од Надежда Чачинович и нејзиниот „Водич низ светската книжевност за интелигентна жена. Корисен и за интелигентни мажи“, напишан со намера да го разбуди читателското љубопитство и да овозможи нов и свеж пристап кон класичните и современите врвни дела од светската книжевност. Опфатени се триесетина автори (од Џејн Остин, Шарлота Бронте, Олдос Хасли, Гистав Флобер, Толстој, Стендал до Вирџинија Вулф, Силвија Плат и Џејмс Џојс), кои на различен начин ги обработувале проблемите на родот и женската еманципација, машко-женските односи и стереотипи

Кој смее да расправа за толку специјализирано нешто како што се јапонските романи од 10 век! Секоја историја на книжевноста пишува за тоа дека јапонската книжевност ја создале жени, дека тие ги напишале канонските дела. Мурасаки Шикибу (околу 978 – пред 1031), авторка на „Генџи моногатори, Приказна за принцот Генџи“ и Сеи Шонагон (967 – околу 1025), авторка на „Записи под зглавје“. И двете биле дворски дами, и двете високообразовани, но жени. За разлика од дворските списи и хроники, кои се пишувани на кинески, на жените им било дозволено да се служат со јапонскиот и со т.н. хириган, фонетска транслитерација на кинеските знаци (некои автори, а тоа произлегува и од книгите на Сеи Шонагон, сметаат дека на дворот јасно се разликувал и женскиот јазик, за разлика од машкиот говор со многу повеќе кинески зборови). Тие го исковале орудието за секое подоцнежно пишување на јапонски.

Тоа е сам по себе прекрасен пример за поместување на парадигмата и за промена во хиерархијата. Родовиот елемент навлегува подоцна и во такви настани, на пример, во одлуката на Декарт во своите филозофски списи да се служи со францускиот, а не со латинскиот, за да може да го разберат и жените, кои по правило не учеле латински. Интересни нешта се случуваат и кога се менува угледот на некоја литературна форма, на пример, романот.

Сепак, јапонскиот случај е сосема исклучителен. Имаме две прекрасно читливи книги, при што „Генџи“ е доста опсежно фикционално дело за различни љубовни заплети, а „Записи под зглавје“ се коментари и впечатоци, по сè женска книга, пишувана од женска позиција, со низа женски проблеми, од однесувањето на љубовникот следното утро, па до неможноста да се набави мошне добра пинцета. Иако и двете книги биле задолжително четиво низ столетијата со патријархална култура, писателки во Јапонија повторно се појавуваат дури во 19 век. Сево ова што го наведов досега не е спорно. Има само некои дополнителни факти. Сеи Шонагон и Мурасаки Шикибу не се без претходници. Имало збирки со стихови, со приказни и дневници на јапонски јазик. Има помалку успешен женски дневник, „Кагеро но ники“, чија авторка се споменува како „Мичицуна но хаха“, Мичицунината мајка. Има дневник „Тоса-Ники“, наводно напишан од маж, кој презема женски идентитет за да смее да го употреби простото фонетско писмо. Но сето тоа е неспоредливо со извонредноста и досегот на двете писателки.

Она што е уште позначајно е разликата меѓу нив самите. (Се познавале, секако, Мурасаки Шикибу во својот дневник оставила неколку нељубезни зборови со анализа, веројатно точна, но „Записи под зглавје“ и онака ги разоткрива особините на писателката.) „Генџи моногатори“ е огромно дело. Едвард Џ. Сајденстикер, автор на најпознатиот превод, објавил занимлив дневник, на пример, и по тоа што во своите коментари на нему современи настани покажува нетрпеливост спрема сите промени во општеството, па и спрема феминизмот. Достигнувањето на Мурасаки Шикибу очигледно не влијаело особено на неговото мислење за што се способни жените. На крајот од краиштата, овој голем сплет на приказни е создаден, барем на прв поглед, од машка перспектива, со машки јунак.

Мажите отсекогаш пишувале за жени, а жените за мажи. Иако во последно време правото на прикажување стана оспорено право, во постколонијалните расправи, во некои етнолошки теории, во афроамериканските расправи и слично (дали смее белиот потомок на колонизаторите да пишува историја за неодамна поробените, кој смее да зборува во име на некоја група итн.), тешко дека би сакале да ги дисквалификуваме Антигона, Ана Каренина, Ема Бовари и Моли Блум само како егземплификација на машкиот поглед. Или, обратно, нема ли да ги дисквалификуваме Јурсенаровите Хадријан и Зенон, или Хитклиф и Рочестер, цела војска на детективи и така натаму. Но величието на Мурасаки Шикибу не е некој вентрилокистички чин на преземање машки јунак, таа презела на себе да прикаже целина, еден цел свет, всушност, она што долго не беше можно за жените уметници.

Сеи Шонагон пишува поинаку. По тоа напати е слична на нашите современички, како „Сексот и градот“ во кимона. Нејзиното место во јапонската книжевност произлегува секако од други околности, од префинетоста во набљудувањето на природата, на предметите, на односот на моќта и на тоа слично, од нејзиното набројување на нешта што се „ретки“ или „префинети“ или што „губат на убавина кога ќе се насликаат“, кои „треба да бидат крупни“ или кои „треба да бидат кратки“. Мислам дека таа книга би морало да биде задолжителна литература на женските студии (и не само таму). Нема подобар начин за стекнување чувство за оддалеченост и блискост, за историја на женската половина, и секако, не само на женската половина на човештвото. Мислам, всушност, дека исто така би требало да се проучуваат, на пример, Мадам Помпадур и други фаворитки за да можеме во соголен облик да се соочиме со образецот на „влијание“, со посредното дејство.

Приватното влијание на жените во јавните работи, врз мажите, љубовниците, синовите и браќата, кое низ толку векови само по себе се сметало за разбирливо, можеби токму заради тоа и не било соодветно истражено. Пропорционално има доста истражувања за салоните, при што тој поим се разбира мошне широко. Има истражувања што настојуваат да ја исправат неправдата, да опоменат на извонредноста на Клара Шуман или на Фани Менделсон. Интересни се истражувањата за креативноста и интимното партнерство меѓу уметничките парови во 20 век.

(Превод од хрватски јазик: Весна Ацевска)