„Ѕидови за вас, прекрасни луѓе“ претставува цитат „позајмен“ од еден графит напишан на фасадата на Архитектонскиот факултет во Скопје кон крајот на деведесеттите години на минатиот век, но и наслов на истоимената изложба на фотографии на фотографот Роберт Јанкулоски, која ќе биде отворена на 11 септември во Мобилната монтажна галерија во скопскиот Градски парк, во 20 часот.

– Во 1990-тите години беше актуелна ѕидната/уличната комуникација, особено кај младите, кои на тој начин ги коментираа актуелните настани – вели Јанкулоски, во чија архива, како што посочува и самиот, се наоѓаат повеќе од 1.100 негативи што досега не се изложени. Графитите тој активно ги снимал во периодот од 1995 до 2000 година на црно-бел филм, со панорамски фотоапарат.

– Фотографиите се снимени во документарен стил и во манир на т.н. улична фотографија. Самите текстови се само дел од фотографијата, иако на некои од нив доминира текстот, кој е искористен како дел од фотографската композиција. Градот Скопје го користам како инспирација или како подлога во повеќе мои проекти, како што се „Си ју Си ми, 1998-2001“ и последниот, „Инстант семејства – мултипликација на љубовта, 2017“ – потсетува во оваа пригода фотографот, истакнувајќи дека централното градско јадро драстично ја промени својата структура во последните десетина години, така што некои згради изгледаат како да се компјутерски вметнати во фотографската композиција.

Црно-белите фотографии од 1990-тите години на Роберт Јанкулоски се отпечатени на метални плочи, а неколку фотографии снимени минатата година во боја на хартија. Тој е основач е на Македонскиот центар за фотографија, а во моментов е професор и декан на Факултетот за филмски уметности на универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА Париз – Скопје – Њујорк во Скопје.