На продажба беа понудени ремек-дела потпишани од Пикасо, Полок, Ротко, Де Кунинг и од други мајстори на модерната уметност, меѓутоа ѕвездата на вечерта не беше дело на ниту еден од наведените мајстори, туку тоа беше скелет на диносаурус

Во центарот „Рокфелер“ во Њујорк на почетокот на октомври, аукциската куќа „Кристис“, оваа година малку порано од вообичаеното, ја одржа својата традиционална есенска аукција на уметноста од 20 век. На крајот беа остварени 340,8 милиони долари, а се претставија ремек-дела потпишани од Пикасо, Полок, Ротко, Де Кунинг и од други мајстори на модерната уметност.
Меѓутоа ѕвездата на вечерта не беше дело на ниту еден од наведените мајстори, туку тоа беше скелет на диносаурус. Досега невидената аукција на скелетот на тираносаурус или ти-рекс наречен Стен, чија вредност се проценуваше помеѓу шест и осум милиони долари, најверојатно на сите ќе им остане во сеќавање. Тој беше продаден по тензично наддавање предводено од експерти на „Кристис“ на три континенти, во Њујорк, Лондон и Хонгконг, телефонски со купувачи од целиот свет, за 31,8 милион долари, што е највисоката сума платена за еден фосил во историјата на аукциите.
За споредба, делото „Ненасловен (Болсен)“ на Сај Твомбли од 1969 година беше продадено за 38,7 милиони долари, „Без наслов“ на Марк Ротко од 1967 година за 31,3 милион долари, „Жена“ на Вилем де Кунинг (1953 – 55) за 23,3 милиони долари, акварел од Пол Сезан, „Мртва природа со бокал со млеко, диња и сад за шеќер“ (1900 – 06), за 28,6 милиони долари, што е рекорд за работа на хартија за овој постимпресионистички сликар, „Црвена композиција“ на Полок (1946) достигна цена од 13 милиони долари, а портретот на Дора Мар од Пабло Пикасо од 1941 година беше продаден за 29,5 милиони долари. Сѐ на сѐ, од „Кристис“ велат дека се задоволни од резултатот на аукцијата, како и од бројот на луѓето (280 илјади) што го следеле настанот.
– По сите овие месеци, додека трае пандемијата на ковид-19, нашите клиенти сѐ уште се расположени за купување – рече Адриен Мејер, претседател на глобалните приватни продажби во „Кристис“.

Напнатост во аукциската сала

Аукцијата поради претседателските избори во САД, како и неизвесноста за ковид-19, беше преместена во друг термин, но експертите од „Кристис“ се обидоа да ја пренесат целата напнатост што обично се случува во аукциската сала кога купувачите се натпреваруваат во живо што, поради очигледните причини од пандемијата, оваа година не беше можно.
Но аукциските куќи се приспособија на новонастанатата ситуација, па така и оваа аукција се одвиваше во хибридна форма, преку телефонски повици и преку интернет, сè се емитуваше преку пренос во живо, а во „Кристис“ тие особено внимание посветуваа на целата атмосфера, вклучувајќи сложена сценографија и музичка заднина, која имаше цел да се исполнат паузите помеѓу наддавањата.
– Ова не се привремени промени. Кога ќе ги надминеме нашите традиционални вредности, тоа е затоа што постои чувство дека клиентите ќе одговорат позитивно на тоа – изјави Мејер.
А еден од тие обиди да се прекине традицијата, беше да се вклучат фосилите на диносаурус стари 67 милиони години меѓу импресионистичките и современите уметнички дела. Пазарот на фосили, всушност, наводно е во подем, а дури тоа ги привлекло и холивудските ѕвезди, вклучувајќи ги Николас Кејџ и Леонардо ди Каприо.
Се чини дека одлуката Стен да се стави во првите редови на маркетинг-кампањата пред самата аукција е делумно одговорна за привлекувањето интерес за поголема продажба. „Кристис“ дури ја редизајнира својата галерија на 49-та улица, така што импозантниот диносаурус, висок четири и долг 12 метри, може да биде изложен. Името го добил по аматерот палеонтолог Стен Сакрисон, кој ги открил неговите остатоци во 1987 година, ископан бил во 1992 година, а последните години се наоѓаше во институтот за геолошки истражувања „Блек Хилс“ во Јужна Дакота. Десетици висококвалитетни остатоци од неговите коски се изложени во музеите низ светот.

Ти-рекс си најде нов дом некаде на Блискиот Исток

Самата аукција, која траеше околу 20 минути, беше мошне театрална, како што се наведува во некои извештаи. За неа „Кристис“ обезбеди и специјален аукционер. Откако ја отвори аукцијата со почетна цена од три милиони долари, првично двајца претежно експерти од „Кристис“ се натпреваруваа до износ од 20 милиони долари. Нивното наддавање повремено го прекинуваше трет аукционер, чиј клиент постојано ја зголемуваше цената за неколку милиони долари, наместо да се држи до темпото од 500.000 долари, следено од другите двајца конкуренти.
На крајот, беше продаден од експертот на „Кристис“, Џејмс Хислоп, раководител на Одделот за наука и природни науки. Според него, ретко се случува палеонтолозите да најдат фосили на тираносауруси, а особено целосни како на Стен, а уште поретко се појавуваат такви скелети на пазарот. Последен пат сличен примерок се појави на аукција во 1997 година, кога тираносаурус по име Су беше продаден за 8,36 милиони долари на Природонаучниот музеј во Чикаго.
– Никогаш нема да го заборавам моментот кога првпат се соочив лице во лице со него во Колорадо. Тој изгледаше дури и поголем и уште подив отколку што замислував – рече Хислоп.
Иако од „Кристис“ не се откри името на новиот сопственик на реткиот скелет на ти-рекс, се претпоставува дека Стен нашол нов дом некаде на Блискиот Исток затоа што се продавал преку Лондон, каде што купуваат претежно клиенти од тој дел на светот. Но каде и да завршил, бурата за продажбата сè уште не стивнува. Освен што многумина веќе за време на првите најави на аукцијата се прашуваа што прави еден од најголемите и најкомплетните скелети на тираносаурусот рекс, заедно со Пикасо, многу експерти сметаат дека не е добро да се нуди ваква ретка изложба на приватни лица.
Неговото место е во музеите каде што секој може да го види, според палеонтолозите, на кои им е ускратена можноста да ги проучат остатоците од редок примерок на изумрен вид. Освен што за нив е незамисливо дека Стен беше понуден на аукција на уметнички дела, тие не можат да го прифатат фактот дека можеби засекогаш ќе биде недостапен за јавноста.

Неверојатна сума

– Тоа е неверојатна сума пари. Мислам дека на музеите ќе им биде тешко да купат вакви фосили, особено по таа цена – изјави Дарла Зеленитски, истакната професорка по палеобиологија на диносауруси на универзитетот „Калгари“, за „Њујорк тајмс“, коментирајќи го износот постигнат за Стен.
Пред самата аукција, Палеонтолошкото друштво за ’рбетници објави писмо со кое ги повикува „Кристис“ да ја ограничат продажбата на јавни институции вклучени во складирање вакви примероци за општо добро.
– Научно важните фосили на ’рбетници се дел од нашето колективно природно наследство и заслужуваат да бидат достапни за јавноста – стои во написот.
Научниците исто така изразија загриженост за негативните ефекти што може да ги има продажбата врз истражувањата за диносаурусите, бидејќи тоа може да ги охрабри луѓето да бараат и да продаваат фосили самостојно, наместо да им ги остават на палеонтолозите на проучување.
– Ова е ужасно за науката и е голем поттик за комерцијалната експлоатација на фосили на диносауруси на американскиот запад – вели за „Нешнл џиографик“, експертот за тираносауруси, Томас Кар, палеонтолог од Висконсин.
Во САД, фосилните остатоци пронајдени на државно земјиште се јавна сопственост и можат да бидат ископани само од лиценцирани истражувачи. Овие остатоци, исто така, мора да останат во јавна сопственост, доверени на чување на јавни институции, како што се специјализирани музеи.
Меѓутоа, фосили откриени на приватно земјиште можат да се купуваат и продаваат, а Стен не е единствениот фосил од американски диносаурус што неодамна беше на аукција. Пред две години, француската аукциска куќа „Агутс“ продаде скелетот на алосаурус, најкрволочниот и најчест диносаурус, за два милиони евра, што предизвика остри критики од научниците затоа што со неговата продажба, како и на Стан, се ризикува перцепцијата дека диносаурусите вредат повеќе во долари отколку во откритија.