Сцена од претставата „Пасивно пушење“

Премиерата на претставата „Пасивно пушење“, со запазување на пропишаните мерки, е одиграна пред 35 гледачи

И покрај проблемите со пандемијата на коронавирусот, на сцената на центарот за култура „Ацо Шопов“ – Театар Штип, лани се одиграа четири премиери на театарски претстави, а претставата „Пасивно пушење“ по премиерата од затворен тип на 30 декември, повторно премиерно, но пред публика беше одиграна на 16 јануари годинава. Две од четирите премиери, според директорката на центарот, Ката Мишева, се реализирани со негови средства, а две со средства од Министерството за култура, во согласност со Годишната програма за работа за 2020 година.
Министерството за култура го одобрило и проектот за претставaта „Едип коментари“, во режија на Драгана Милошевски Попова, но центарот побарал наместо лани, таа да биде реализирана годинава. Лани во септември, како што потсети Мишева, штипскиот театар го реализира и театарскиот фестивал за деца и младинци „Малиот принц“, со три претстави за деца и со учество на центарот за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово, на театарското здружение „Видливост“ од Струмица и на Театарот за деца и младинци од Скопје.
– Се надеваме дека во 2021 година ќе ги реализираме сите проекти што ќе ни бидат одобрени од Министерството за култура, а наедно и би сакале да имаме што поголем број публика во салата. Двете претстави што ги реализиравме во 2020 година со наши средства, а кои беа премиерно изведени во февруари се „ЈЗУ Европа“, во режија на Кристина Атанасова Арсова, и „На отворено море“, во режија на Никола Ристов. Двете се одиграа по неколкупати на сцената на театарот, а со „ЈЗУ Европа“ гостувавме на фестивалите „Ристо Шишков“ во Струмица и „Денови на комедијата“ во Куманово, но и во Свети Николе и во Кочани. Со претставата „Возможни светови“ гостувавме во декември на Меѓународниот театарски фестивал во Приштина, Косово, каде што ја освоивме првата награда од публиката. Претставите „Ова дете“ и „Пасивно пушење“ се реализирани со средства од Министерството за култура.

Работата на „Ова дете“, во режија на Александар Ивановски ја почнавме во почетокот на март 2020 година, но поради настанатата ситуација предизвикана од ковид-19 прекинавме со пробите и продолживме во октомври. Цело време при подготовката имавме почести прекини поради заболување од коронавирусот на актерите што учествуваа во претставата, но, и покрај сите проблеми, успеавме премиерно да ја изведеме на 15 декември. Додека траеја пробите со оваа претстава, паралелно почнавме и проби со претставата „Пасивно пушење“, во режија на Ненад Витанов. Нејзината премиера на 16 јануари годинава се одржа со запазување на мерките и протоколите за работа за заштита од ковид-19, со дезинфекција на рацете, мерење на температурата, со седење на публиката на меѓусебно растојание од две седишта и преку еден ред, така што во салата беа присутни 35 посетители – укажа деновиве директорката на центарот „Ацо Шопов“.
Драмскиот текст на претставата „Пасивно пушење“, слатка комедија за горчливата реалност на познатиот српски драмски писател и професор Небојша Ромчевиќ, е напишан по мотиви на вистинска случка што му се случила на францускиот аеродром „Шарл де Гол“, каде што бил задржан 48 часа, бидејќи меѓународниот систем на Интерпол го исфрлил неговото име на листата на опасни криминалци барани со интернационална потерница.

– Во реалниот живот ваквата случка продуцира стрес и паника, а во нашиот сценски живот тука започнува комедијата, онаа горчливата, која по малку боли додека се смееме. Карактеристично за овој драмски текст е тоа што ниеден од ликовите нема амбиција за херојски дела, туку баш спротивно од тоа – избегнување животен ризик по секоја цена. Тоа до некаде и тематски ја одредува претставата и дава многу интересен приказ на современиот европски човек. Денес просечниот Европеец (без разлика дали се работи за Французин или Македонец) е незадоволен од висината на плата, но нема храброст, волја, идеја како да се избори за тоа. Идеалите за правда, еднаквост и слобода редовно ги цитира, но суштински одамна ги има напуштено и ги доживува како излитена тривијална бајка без посебна суштина. Разочаран е од целиот свет, а најмногу од себе, но вешто го сокрива тоа. Своите политички и општествени ставови ги креира на основа на површни лични перцепции на актуелните случувања во неговата земја и светот – посочи меѓу другото за „Пасивно пушење“ режисерот Ненад Витанов.
Во оваа претстава играат актерите: Владимир Тулиев, Пеце Ристевски, Миле Вратеовски, Кристина Атанасова Арсова и Марија Минчева Андонов.